Connect with us

Свет

Си, Путин и Ким разговараат за долговечност и бесмртност

Претседателот на Кина, Си Џинпинг заедно до рускиот и севернокорејскиот колега, Владимир Путин и Ким Џонг-ун додека денеска се движеа кон портата Тјенанмен во Пекинг разговараа за долговечност и бесмртност.

Тројцата лидери утрово присуствуваа на одбележувањето на 80 години од поразот на Јапонија во Втората светска војна, а церемонијата во живо ја пренесуваше Кинеската централна телевизија, при што беше снимен нивниот разговор.

Аудиоснимката од разговорот за долговечноста, која трае помалку од една минута, е нејасна и открива само фрагменти. Прво Си на мандарински јазик вели „овие денови“ и „70 години“. Кратко потоа, се слуша како преведувачот на руски јазик, очигледно цитирајќи ги зборовите на Си наведува: „порано, луѓето ретко живееја до 70 години, но денес, на 70 години, сè уште си дете“.

На снимката нејасно се слушаат зборовите на Путин, но преведувачот на мандарински јазик истакнува: „со развојот на биотехнологијата, човечките органи можат континуирано да се трансплантираат, а луѓето можат да живеат сè помлади, па дури и да постигнат бесмртност“.

Зборовите на Путин за бесмртноста беа преведени и на корејски јазик.

Аудиоснимката заврши со зборовите на Си: „предвидувањата се дека во овој век постои шанса да се живее до 150 години“.