Регион
Фајон: Ова беше најтешкиот Бледски стратешки форум

Шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон изјави дека завршениот Бледски стратешки форум (БСФ) бил „најтежок“ поради кризите и војните во светот и оти е испратена порака до светските лидери да бидат поодговорни.
„Кога ќе повлечеме линија, ми се чини дека ова дефинитивно беше најтешкиот Форум, најтешкиот во однос на суштинските дискусии во време на големи кризи и војни околу нас, кога светот е силно поделен, кога гледаме дека силата преовладува над сè, а помалку владее, кога нема политичка волја за почитување на меѓународното право за да се стави крај на војните“, изјави Фајон по завршувањето на јубилејниот, 20-ти БСФ.
Форумот се одржа под официјалниот наслов „Светот што избега“, на кој учествуваа повеќе од 2.300 лица од 94 земји.
Клучните прашања на Форумот беа како да се направи посилна, пообединета и поповрзана Европа, а една од темите беше и проширувањето на Европска Унија кон Западен Балкан.
За време на состанокот со министрите за надворешни работи од Западен Балкан, Фајон ја истакна „силната поддршка на Словенија за забрзаниот и поефикасен процес на проширување на ЕУ“, што според неа е „геостратешка неопходност“.
Фајон потпиша договор со директорот на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА), Филип Лазарини и со претседателката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ИЦРЦ), Мирјана Шпољариќ Егер за помош на двете организации. Според договорот Словенија до 2028 година ќе издвои четири милиони евра за УНРВА и најмалку пет милиони евра за ИЦРЦ во периодот од 2026 до 2030 година.
септември 3, 2025