Connect with us

Свет

Трамп: САД нападнаа брод со дрога кој тргнал од Венецуела, убиени 11 членови на бандата

Претседателот на САД Доналд Трамп во вторник во Вашингтон објави дека САД во јужниот Кариб нападнале брод кој превезувал дрога и кој испловил од Венецуела, при што во акцијата биле убиени 11 припадници на венецуелската банда „Tren de Aragua“.

Претседателот изнесе малку детали за операцијата и пред новинарите во Овалната соба на Белата куќа рече дека на тој брод имало „многу дрога“.

Државниот секретар Марко Рубио на платформата X изјави дека бродот го управувала „позната нарко-терористичка организација“ и операцијата ја опиша како „смртоносен удар“.

САД неодамна најавија план за засилување на своите поморски сили во водите на Венецуела за да се борат против заканите од латиноамериканските нарко-картели, но не најавија никаква копнена инвазија.

Реакција од Каракас

Владата на претседателот Николас Мадуро одговори со распоредување на трупи долж венецуелското крајбрежје и границата со соседна Колумбија, како и со повик до граѓаните да се приклучат во цивилната милиција.

Мадуро тврди дека САД градат лажна приказна за трговија со дрога за да се обидат да го соборат од власт. Тој и други официјални лица од Венецуела повеќепати се повикуваа на извештај на Обединетите нации, за кој велат дека покажува оти преку Венецуела минуваат само 5 проценти од кокаинот произведен во Колумбија.

Боливија нема излез на море, но Колумбија – која има пристап и до Тихиот океан и до Карипското Море – е еден од водечките светски производители на кокаин.

Службата за информирање на венецуелската влада не одговори веднаш на барањето за коментар на објавата на Трамп. Истото не го коментираше ниту Пентагон во Вашингтон.

Трамп најави испраќање на Националната гарда во Чикаго и Балтимор

Доналд Трамп денес изјави дека ќе нареди интервенција на федералната полиција за да се намали криминалот во Чикаго и Балтимор, и покрај силното противење на државните и локалните власти во тие градови.

„Чикаго е многу интересен, ги гледав како велат: ‘Не ни треба помош, безбедни сме’, но пред две недели шест лица беа убиени, а 24 лица беа погодени од куршуми,“ рече Трамп, без да прецизира точен датум за испраќање на федералните сили, пренесе американскиот портал Politico.

Претседателот ја пофали градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баусер, за соработката со федералните сили, а остро го критикуваше демократскиот гувернер на Илиноис, Џеј Би Прицкер, кој изјави дека криминалот во Чикаго не бара федерална интервенција.

„Доколку гувернерот на Илиноис ме повика, би сакал тоа да го сторам. Сега ќе го направиме тоа без разлика. Имаме право на тоа бидејќи имам обврска да ја заштитам оваа земја,“ изјави Трамп.