Connect with us

Свет

Застрашувачки последици од пеколното лето: Топлотниот бран однесе рекорден број жртви, починаа 2.300 луѓе во Европа

Оваа година топлотниот бран однесе 2.300 животи низ цела Европа, што е рекорд во споредба со претходните години. Сепак, дури 65 проценти од смртните случаи можеле да бидат избегнати доколку континентот навреме се соочеше со климатските промени, велат научниците од Империјал колеџ во Лондон и Светската метеоролошка атрибуција (WWA).

Според истражувачите, глобалното затоплување предизвикано од човечката активност тројно го зголемило бројот на смртни случаи поврзани со жештините, а температурите во некои градови пораснале и до 4 Целзиусови степени.

Научниците ги анализирале податоците од 23 јуни до 2 јули, следејќи 12 градови во Италија, Шпанија, Португалија, Франција, Обединетото Кралство, Грција, Хрватска и Унгарија. Во период од десет дена биле регистрирани 2.300 смртни случаи поврзани со горештините. Од нив, најмалку 150 немало да се случат доколку климатските промени не го засилеле топлотниот бран, заклучува студијата.

Петти најтопол јуни во историјата

Според податоците на Earth.org, топлотниот бран на почетокот на летото донесе температури над 40 °C во неколку земји, со рекорди во Шпанија и Португалија каде што живата во термометарот достигна и 46 °C. Жештините доведоа до ограничување на активности на отворено во Италија, затворање на повеќе од 1.300 училишта и неколку нуклеарни реактори во Франција, како и до шумски пожари ширум Медитеранот.

Овој јуни беше петтиот најтопол во историјата на Европа. Западните земји забележаа свој најтопол јуни досега, со просечна температура од 20,49 °C, што е 2,81 степен над просекот за периодот 1991–2020 година, покажуваат податоците на европската климатска служба „Коперникус“.

И Средоземното Море достигна рекордна температура од 27 °C, односно 3,7 °C над долгорочниот просек. Топлотните бранови – продолжени периоди на невообичаено топло време често проследени со висока влажност – претставуваат сериозна закана за здравјето бидејќи нивниот интензитет може да ја надмине способноста на телото да се олади и да издржи високи температури.

Опасноста не е само во директното изложување на сонце, туку и во кумулативниот физиолошки стрес кој се акумулира во организмот ден и ноќ, без прекин. Долготрајните високи дневни и ноќни температури го спречуваат телото да се одмори и доведуваат до сериозни здравствени проблеми.

Дехидрација, сончаница и топлотна исцрпеност се само дел од проблемите, бидејќи жештините драматично ги влошуваат постојните хронични состојби, ставајќи огромен товар врз срцето, респираторниот систем и бубрезите. Најопасна последица е топлотниот удар, состојба опасна по живот која може да се појави дури и кај сосема здрави луѓе.

Иако никој не е целосно безбеден, најголем ризик имаат постарите лица, малите деца, бремените жени, лицата со прекумерна тежина, хронично болните, социјално изолираните, како и сите кои работат на отворено.

Вруќината го забрзува стареењето

Според нови истражувања, Хрватска е една од земјите со најголем ризик од смртни случаи поврзани со жештините во Европа. Најранливите групи во општеството се најмногу загрозени – 88 проценти од смртните случаи во летото 2025 година се случиле кај луѓе постари од 65 години.

Постарите лица потешко ја регулираат телесната температура, а многумина од нив живеат сами и боледуваат од хронични заболувања, што ги прави особено подложни на топлотен удар.

Но, не се само постарите во опасност. Топлотните бранови имаат и долгорочен ефект врз здравјето. Ново истражување открива дека екстремната жештина буквално го забрзува процесот на биолошко стареење.

Научниците пресметале дека само четири дополнителни дена изложување на топлотни бранови во период од две години можат да ја намалат биолошката старост за околу девет дена.

Овој ризик е споредлив со ефектите од штетни навики како пушење, прекумерна консумација алкохол или недостаток на физичка активност. Секое соочување со екстремна жештина предизвикува микроскопски оштетувања и воспалителни процеси кои се акумулираат со текот на времето, исцрпувајќи ги виталните резерви и забрзувајќи го пропаѓањето на клетките.

Тоа значи дека дури и оние што ќе преживеат топлотен бран без очигледни последици – излегуваат од него биолошки постари и поранливи на идни болести.

Според експертите на Светската метеоролошка организација, користењето на фосилни горива не само што ја загрева планетата, туку ги прави топлотните бранови почести, поинтензивни и подолготрајни.