Connect with us

Свет

Во ЕУ се очекува нов рекорд во трошоците за вооружување

Трошоците за вооружување во Европската унија оваа година ќе достигнат нов рекорд од 381 милијарда евра, објави Европската агенција за одбрана (ЕДА), пренесе БТА.

Минатата година тие достигнаа 343 милијарди евра, што веќе беше рекордно ниво во споредба со 2023 година, според најновите податоци објавени од агенцијата на ЕУ за одбранбени прашања.

– Европа издвојува рекордни суми за својата одбрана, за да ја гарантира безбедноста на нашите граѓани, и нема да застанеме тука, изјави шефицата на дипломатијата на Европската унија Каја Калас, која претседава со ЕДА.

Оваа година околу 130 милијарди евра биле издвоени за инвестиции, како на пример ново вооружување. Европските земји значително ги зголемија своите воени трошоци по анексијата на Крим од страна на Русија во 2014 година, а темпото дополнително се засили по инвазијата на Русија врз Украина во февруари 2022 година.

Земјите-членки на НАТО, од кои 23 се и членки на ЕУ, исто така одлучија дополнително да ги зголемат своите напори, со тоа што ќе издвојуваат најмалку пет проценти од својот бруто домашен производ (БДП) за безбедност во следните десет години, од кои 3,5 отсто за воени трошоци.

За да се постигне таа цел, „ќе мора да се удвојат напорите и да се трошат вкупно над 630 милијарди евра годишно“ во ЕУ, изјави Андре Денк, извршен директор на ЕДА.