Connect with us

Регион

Рама во Блед: Главен проблем на Европа е во која насока ќе оди, или ќе го продлабочи своето патување или ќе се распадне

Албанскиот премиер Еди Рама, поканет на панел-дискусија за улогата на државите и иднината на Европската Унија на 20-от  Стратешки форум во Блед, оцени  дека “главен проблем на Европа е во која насока ќе оди”.

Според него “или ќе се продлабочи во своето патување или ќе се распадне на различни парчиња, при што секој од нив одлучува чиј сателит ќе стане”.

-Мислам дека главниот проблем што го има Европа е во која насока ќе оди. Дали ќе го продлабочи својот пат кон тоа да стане соединети европски држави или ќе се распадне на различни парчиња, при што секој ќе одлучува чиј сателит ќе биде, бидејќи нема шанси да се одвоите и да го напуштите овој голем клуб, а потоа да имате каква било славна историја освен да станете сателит на некој друг, изјави Рама, објави Топ чанел.

Тоа, додаде, е со голем прашалник, за што немам одговор.

-Од една страна, Европа е најнеобична бирократска и административна машина, што може да биде добро, но од друга страна, прекумерното изготвување регулативи дури и пред да започне нешто, во Америка, на пример, тие го измислуваат OpenAI, додека во Европа измислуваат регулативи за моментот кога некој ќе дојде да оди во иста насока, рече тој.

Посочи дека ова ја прави ” Европа практично потешка како средина за бизнис, многу пати поартикулирана кога станува збор за регулативи, но постои рамнотежа што Европа мора да ја најде”.

-И последното нешто што сакам да го кажам е дека додека го гледате овој свет што се развива и се движи со неверојатна брзина надвор од нашата европска сфера, прашањето што си го поставувате е зошто Европа не е таму, зошто Европа не беше во Тјенџин, зошто не во Бразил. Разбирам зошто, но можеби овој одговор треба да се подготви на поинаков начин. Фактот што имаме различни мислења за начинот на кој живееме не е причина да се изолираме, да се затвориме во себе и да кажеме дека ако сакате да бидете пријатели со нас, мора да живеете како нас, бидејќи на тој начин ризикуваме да имаме сè помалку пријатели и на крајот да го изгубиме нашиот начин на живот, нагласил Рама.

Значи, смета тој, треба да го зачуваме овој наш начин на живот со гордост и со сè што можеме, но од друга страна да бидеме многупати поотворени кон светот и да бидеме она што Европа отсекогаш била- раскрсница каде што минуваат сите, а не како “тврдина каде што ве гледаат со многу филтри дури и пред да имате можност да бидете пријател”. 

– Но, секогаш сме на страната на Европа, што и да се случи, порача Рама.

На панел-дискусијата учествуваа и Марта Кос, комесар за проширување на Европската унија, Роберт Голоб, премиер на Словенија, Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска и Милојко Спајиќ, премиер на Црна Гора.