Connect with us

Вести

Националното студентско тело бара зголемување за 10 денари на сумата за субвенциониран студентски оброк

Согласно член 2, став 1 од Законот за субвенциониран студентски оброк („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 31/20, 150/21, 251/22, 91/23, 30/24 и 74/25), износот на субвенциониран студентски оброк се усогласува во согласност со инфлациската стапка после секоја фискална година, а пред донесување на републичкиот Буџет за следната година. Последен пат, висината на сумата за субвенционираниот оброк се промени во 2023 година од 120 на 140 денари, се вели во соопштението од националното студентско тело.

Согласно Законот, како Национално студентско тело, претставничко тело на сите студенти во државата, при планирањето, а пред носењето на републичкиот Буџет за 2026 година, бараме предвидување на средства за зголемување на висината на сумата за субвенциониран студентски оброк од 140 на 150 денари.

Образложение:
Инфлациската стапка во Република Северна Македонија во 2024 година изнесува 3,5% (согласно податоците на НБРМ и ДЗС). Дополнително согласно проекциите на ММФ, инфлациската стапка за 2025 година ќе изнесува 3,4%, додека НБРМ, проектира 3% инфлација за 2025. Доколку се направи пресметка за двете години, сумата на студентскиот оброк треба да порасне за 10 денари во 2026 година.

Пресметка:
● 140(3,5/100)=4,9 денари зголемување за 2024 година ● 140+4,9=144,9(3,4/100)=4,92 денари зголемување за 2025 година
● 144,9+4,92=149,8 ≈ 150 денари

Фискални импликации:

Фискалните импликации за зголемувањето се следните: ако се земе предвид дека во просек околу 30.000 студенти во државата се корисници на мерката во текот на 9 месеци во една година тогаш за ова зголемување потребни се дополнителни 70.200.000 денари или 1.141.463 EUR годишно.

Пресметка: 10 денари * 26 дена * 9 месеци * 30.000 студенти = 70.200.000 денари.

Ова усогласување не претставува дополнителна привилегија, туку неопходен чекор за зачувување на реалната вредност на студентскиот оброк. Со ова зголемување, ќе се обезбеди поголема сигурност и поддршка на студентите во услови на растечки животни трошоци, ќе се олесни нивниот финансиски товар и ќе придонесе кон создавање подобри услови за студирање. На тој начин, државата покажува грижа и инвестиција во младите луѓе, кои се носители на идниот општествен и економски развој на Република Северна Македонија, велат од националното студентско тело.