Вести
Јаневска: Вештачката интелигенција ќе ја воведуваме во сите предмети и ќе зависи од наставникот, колку и какви алатки ќе користи

Почнуваат обуките за наставниците, кои од второ полугодие во секој предмет ќе ја применуваат и ќе ги учат учениците за вештачката интелигенција. Во моментов ќе се обучува репрезентитавен примерок на наставници од едно училиште, по што овие наставници понатму ќе треба да ја прошират мрежата за обучување на наставниците, најави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска од Општина Кисела Вода, каде што одговараше на прашања, за тоа како ќе применува вештачката интелигенција и како ќе се едуцираат учениците.
– Ќе ја воведуваме во сите предмети и ќе зависи од наставникот, колку и какви алатки ќе користи, дури и таму, ако се сеќавате, се зборуваше деновиве е предвидена за индивидуална настава на учениците и верувам дека наставниците ќе почнат, така да ја користат. Но, претходно образувајќи ги учениците, што се предностите, што се негативностите од вештачката интелигенција. Значи откако ќе се спроведат базичните информации и учениците ќе стекнат базични знаења ќе продолжиме, со постепено воведување на вештачката интелигенција во сите предмети, изјави Јаневска.
Таа истакна дека, сепак, од наставникот ќе зависи и треба да процени како и со кои ученици ќе работи.
-Затоа јас постојано велам наставникот има клучна улога во образовниот систем. Тој мора да биде почитуван. Наставникот мора да го добие своето вистинско место во општеството, за да можеме да спроведуваме соодветен образовен процес, изјави Јаневска.
Таа додаде дека вештачката интелигенција веќе се употребува од страна на учениците и какошто рече „би рекла неконтролирано“.
– Би сакала да им порачам на родителите дека овој процес ќе биде строго контролиран и благодарам на професорите од Факултетот за информатика на УГД, кои направија прекрасен прирачник, во кој се опишани и предностите, но и предизвиците со коишто би можеле да се соочат наставниците и учениците. Секако многу од тој прирачник, кога станува збор за учениците е посветено и на етичкиот момент. Значи дали ќе го користат неправилно овој систем или правилно овој систем, рече Јаневска.
Министерката за образование и наука, Јаневска истакна дека учениците ќе учат и за безбедност за зачувување на лични податоци и сите други несекани дејствија.
-Обуките моментално почнуваат и мислам дека јас вчера кажав објавен е повикот на Бреинстер за обуки на наставниците. Но, почнуваат и други обуки не само преку Бреинстер. Нема да воведеме и не можеме да ја воведеме нагло, бидејќи ова е почеток. Но, ќе ја воведуваме постепено во сите училишта низ сите предмети и во училишната администрација, рече Јаневска.
септември 1, 2025