Connect with us

Живот

Словенец продавал отровен џем: Двајца Хрвати завршија во болница

Она што требало да биде обичен саем со домашни производи и весело собирање во граничното место Рупа во Хрватска, се претворило во скандал и црна хроника. Двајца хрватски државјани, на возраст од 69 и 71 година, завршија во болница откако јаделе џем купен на штанд на еден Словенец.

Зад теглите, кои изгледале како домашен производ од селска фарма, се криел опасен состав. Полицијата од Опатија открила дека 77-годишен Словенец самиот го произведувал џемот и лажно го декларирал како производ од „ОПГ“ кој всушност никогаш не постоел, пишува Danas.hr.

Џемот бил изложен на 23 август, на јавен настан во Рупа. Купувачите го понеле дома, без да насетуваат дека ќе им предизвика сериозни здравствени проблеми.

Веќе на 26 август, рано наутро, двајцата морале да побараат итна лекарска помош. Анализи на КБЦ Риека и на Заводот за јавно здравство на Приморско-горанската жупанија покажале дека во џемот имало траги од отровна билка – во количина доволна за тешко труење.

Словенецот по спроведената истрага е задржан во притвор, а против него е поднесена кривична пријава.