Connect with us

Вести

Не било мито, туку недоразбирање: Поранешниот директор на Геријатрија не признава вина

Во Основниот кривичен суд Скопје, обвинетите во аферата „Геријатрија“ денеска се произнесоа дека не се сметаат за виновни за кривичните дела кои им се припишуваат.

Мухсин Арифи, управител на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина, е гонет за земање мито, додека Блерим Амити е обвинет за примање награда за незаконско влијание.

Според обвинителниот акт, Арифи побарувал финансиска корист од 20.000 евра со цел да овозможи прием во болница на пациентка во сериозна здравствена состојба.

Амити, кој претходно го познавал сведокот, се понудил да интервенира и ја примил сумата пари, при што бил затекнат на лице место од страна на полициските службеници.

Обвинителката Искра Хаџи Василева, во своите воведни забелешки пред судот, подвлече дека случајот претставува пример за длабоко вкоренета корупција во општеството. „Пропорциите и интензитетот на корупцијата се толку многу длабоки што нѐ потсетуваат дека ја засегаат секоја сфера од нашето живеење“, рече таа, додавајќи дека станува збор за директно, грубо барање мито од страна на директорот – износ кој бил предмет на преговори, а на крајот бил прифатен како минимален за да се изврши службено дејствие што инаку морало да се изврши без надомест.

Хаџи Василева укажа дека обвинетите дејствувале од профитерски мотиви, со цел лично збогатување, експлоатирајќи ја кршливоста на пациентката и нејзината потреба за неопходна медицинска помош. Таа потенцираше дека сведокот, кој е давател на доживотна издршка на пациентката, го пријавил случајот, а доказите кои ќе бидат презентирани пред судот, јасно ги документираат корумпираните дејствија низ неколку последователни настани.

Адвокатите на обвинетите објавија дека во текот на судската постапка ќе приложат докази во форма на статут, процедури и законски прописи кои произлегуваат од институцијата што ја застапувал обвинетиот Мухсин Арифи. Преку нив, како што истакнаа, ќе бидат отворени неколку правни прашања со цел да се докаже дека Арифи, како и Амити, не можеле, односно немале намера да сторат какво било кривично дело. „Доказите кои ќе бидат изнесени и презентирани во понатамошниот тек од постапката, убедени сме дека ќе упатат на недоразбирање што настанало во овој т. н. кривично правен настан“, соопшти одбраната.