Connect with us

Хроника

Кривична против скопски полицаец, подигнал 11 лични карти на граѓани но не им ги доставил

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против Д.С. на работно место полицаец во ПС Чаир при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од КЗ.

Како што се наведува во полицискиот билтен, пријавениот полициски службеник како службено лице во просториите на Одделението за управни работи Скопје се потпишал и подигнал 11 лични карти и список-извештај за скенирани лични карти за лица кои живеат на станично подрачје на ПО Мирковци во Општина Чучер Сандево, по што со пропуштање на должен надзор над преземените лични карти, пријавениот не ги доставил во ПО Мирковци за понатаму граѓаните да ги подигнат, ниту пак пријавил дека личните карти недостасуваат, со што на граѓаните им е причинета материјална штета и им го ограничил правото за користење, како и за навремено изготвување и подигање на личните карти.

Од МВР исто така наведуваат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полицискиот службеник ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки одземање на службеното оружје и муниција и да се отстрани од работното место- суспендира до завршување на дисциплинската постапка.