Connect with us

Економија

Народната банка работи на нови мерки за полесен пристап до кредити за прв стан

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески најавува дека се подготвуваат нови мерки со кои ќе се овозможат подобри услови за кредитирање на становите коишто се купуваат за живеење, особено за прво купување. Целта, според него, е да се поддржи кредитирањето што се користи за решавање на станбеното прашање, особено кај младите, во услови кога цените на становите бележат континуиран раст.

-Најважна цел којашто си ја поставивме, а којашто произлегува и од мандатот на централната банка и е од општествен интерес, е да видиме како да се поттикне или да се овозможи поповолно кредитирање за објекти за живеење коишто се купуваат за првпат и ќе служат за живеење, затоа што е познато дека една третина од постојниот фонд на станови кај нас се празни, истакнал гувернерот Славески во интервју за регионалната телевизија „Њузмакс Балканс“, и објаснил дека мерките ќе се насочат кон разликување на кредитите за прво живеалиште од оние за инвестиции и шпекулативни цели, со цел да се олесни пристапот за граѓаните кои навистина имаат потреба од сопствен дом.

Според анализите на Народната банка, половината од прометот со станови се остварува со готовина, што создава притисок врз побарувачката и дополнително ги зголемува цените. Затоа, Народната банка планира, во соработка со банките, да ги анализира и да предложи мерки, притоа внимавајќи на стабилноста на банкарскиот сектор.

Гувернерот Славески нагласил дека предлозите за мерки ќе бидат доставени до банките заради консултација, со очекување дека ќе дадат резултати коишто ќе обезбедат подобар пристап до финансии за младите брачни парови и граѓаните кои сакаат да го решат станбеното прашање.