Connect with us

Свет

Мерц вети дека ќе ја зајакне германската војска за да го заштити НАТО од закани

Германија ќе продолжи да ја зајакнува својата војска за да ја обезбеди способноста на НАТО да се брани, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц за време на неговата инаугурална посета на германската морнарица.

– Секојдневно гледаме акции на руската војска. Тие ја тестираат нашата подготвеност и нашата способност да се браниме, им порача канцеларот на морнарите на антиподморничката фрегата „Баерн“ на северниот брег на земјата.

– И затоа сакам да кажам дека ќе направиме сè што е во наша моќ во наредните месеци и години за да ја заштитиме слободата, мирот и територијалниот интегритет на територијата на алијансата, рече Мерц.

Одбраната на Германија и НАТО стана понеопходна од почетокот на војната на Русија против Украина во февруари 2022 година, нагласи тој.

Мерц претходно разговараше со инспекторот на морнарицата, Јан Кристијан Каак, во поморската команда во северното пристаниште Росток и го посети новиот тактички поморски штаб, познат како „Командант на работна група за Балтикот“, пренесе ДПА.

Основан во 2024 година, штабот е задолжен за планирање поморски операции и вежби, како и за водење на поморските сили доделени од НАТО.

Германската морнарица има околу 15.300 војници. По воздухопловните сили и копнената војска, таа е најмалиот огранок на Бундесверот, германската војска.

Мерц се врати на копното со хеликоптер и сега е на пат кон Франција, каде што веќерва ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон во Тулон.