Connect with us

Свет

Медиуми: Руски дронови шпионираат транспорт на оружје за Киев во Германија

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изрази мало изненадување за медиумскиот извештај кој сугерира дека руски дронови можеби надгледуваат рути за снабдување на западна воена опрема за Украина над источна Германија, пренесе ДПА.

Бундесверот не е одговорен за надзор на цивилна територија или патни врски во Германија во однос на дронови, рече Писториус по денешниот состанокот со неговата шпанска колешка Маргарита Роблес во Берлин.

– Но, да, тоа што дроновите се некаде над пристаништата и железничките објекти не треба да изненади никого. Сепак, не можеме да направиме многу околу тоа, рече Писториус.

„Њујорк Тајмс“ објави за дронови над источна Германија, цитирајќи извори од американски агенции и други западни држави, наведувајќи дека Русија или руски поддржувачи ги користат авионите за да ги надгледуваат рутите во источна Германија, кои се користат за испорака на воена опрема за Киев.

Германскиот деловен неделник „Виртшафтсвохе“ исто така објави за извидувачки летови на руски дронови во Германија.

Писториус изјави дека е многу тешко да се одреди од каде се контролираат дроновите.

Тој нагласи дека заштитата на воените објекти е зајакната и спомна техники за пресретнување на дронови.

– Но, тоа е постојана техничка игра на мачка и глушец помеѓу она што го прават развивачите на дронови и она што ние можеме да го направиме, и тоа е дел од вистината, рече тој.

Писториус, исто така, ги осуди последните масовни руски воздушни напади врз Украина, велејќи дека тие уште еднаш докажуваат дека рускиот претседател Владимир Путин не е заинтересиран за мир или прекин на огнот.