Рецепти
Полнети тиквички

Потребни состојки:
3 тиквички, 100 гр пилешко бело месо, 60 гр варен ориз, 40 гр варен морков, 50 гр грашок од конзерва, 100 гр кајмак или крем сирење, 200 гр кисела павлака, 3 јајца, малку свеж магдонос, малку сол, малку црн пипер.
Начин на подготовка:
Ставете го пилешкото месо да се вари заедно со морковот (можете од водата да направите супа), и сварете го оризот. Тиквиците излупете ги, пресечете ги на половина (надолжно), внимателно извадете ја средината и спуштете ги во зовриена солена вода да се обарат малку (околу 5 минути).
Во подлабок сад измешајте го пилешкото месо исечкано на коцки, варениот морков, варениот ориз и грашокот. Зачинете ја смесата со сечкан свеж магдонос, сол и црн пипер. Кога ќе се оладат малку тиквичките, наредете ги во тавче кое претходно малку сте го намастиле. Наполнете ги убаво со филот.
Во посебен сад измешајте ги јајцата, павлаката и кајмакот, а потоа посипете ги тиквичките одозгора. Печете на 200 степени околу 15 минути (или додека тиквичките не омекнат (боцнете со вилушка, за проба).
јули 27, 2025