Свет
Турција го поздрави привременото примирје во војната во Иран
Турција денеска соопшти дека го поздравува привременото примирје прогласено во војната во Иран и дека се надева дека сите страни ќе го почитуваат постигнатиот договор.
-Патот кон траен мир е можен само преку дијалог, дипломатија и меѓусебна доверба. Ќе продолжиме да даваме секаква можна поддршка за успешно завршување на преговорите што ќе се одржат во Исламабад, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција, пренесува НТВ.
Министерството за надворешни работи, исто така, му честиташе на Пакистан за улогата што ја одигра во мировниот процес и посака продолжување на сите иницијативи што придонесуваат за мир.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф утрово објави дека Иран, САД и нивните сојузници се согласиле за итно примирје, кое стапува на сила веднаш и ги опфаќа сите конфликтни зони.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно изјави дека по разговорите со раководството на Пакистан, се согласил на примирје меѓу САД и Иран во период од две недели.
Кратко откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат двонеделен договор за прекин на огнот, иранските власти објавија соопштение во кое го потврдуваат договорот, велејќи дека договорот вклучува „продолжена иранска контрола врз Ормуската Теснина“.
април 8, 2026

