Живот
По обиколката на Месечината, „Артемис 2“ се враќа на Земјата
Астронаути од мисијата на НАСА, „Артемис 2“, по обиколката на Месечината, се на пат назад кон Земјата. Следно, нивната капсула „Орион“ ќе мине низ точката каде што гравитацијата на Земјата повторно ја надминува привлечноста на Месечината, соопшти американската Национална воздухопловно-вселенска администрација.
Одбраните четворица – американските астронаути Кристина Кох, Виктор Гловер и Рид Вајзман, заедно со Канаѓанецот Џереми Хансен треба да се спуштат покрај брегот на Сан Диего утре, откако го завршија првото прелетување покрај Месечината по повеќе од 50 години. За време на нивното враќање, астронаутите накратко разговараа со колегите на Меѓународната вселенска станица (МВС) преку аудиоврска.
На прашањето како го доживува погледот на Земјата и Месечината, Кох рече дека била воодушевена не само од убавината на Земјата, туку и од околната темнина, што го направило погледот уште позабележителен. Кох и астронаутката на МВС – Џесика Мејр, претходно – во 2019 година учествуваа во првото вселенско излегување, само за жени.
– Џесика, секогаш се надевав дека повторно ќе бидеме заедно во вселената, но никогаш не помислив дека ќе биде вака, додаде Кох.
Гловер рече дека капсулата „Орион“ нуди многу помалку простор од МВС, додавајќи дека сè што правеле било ограничено од просторот. Екипажот на „Артемис 2“ се лансираше со ракета од нивниот Систем за вселенско лансирање (Space Launch System) – од Кејп Канаверал, на Флорида, во средата вечерта и ја заобиколи Месечината, достигнувајќи поголемо растојание од Земјата од кој било човек пред нив.
април 8, 2026

