Свет
ИАТА: Месеци ќе бидат потребни за закрепнување на авиотранспортот и по отворањето на Ормуската Теснина
Месеци ќе бидат потребни за да се обнови снабдувањето со авионско гориво и нормализираат нарушувањата во рафинериските капацитети на Блискиот Исток, дури и доколку биде отворен Ормускиот теснец, изјави директорот на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), Вилијам Волш.
Цената на нафтата падна под сто долари за барел откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти двонеделно примирје со Иран, условено со итно и безбедно повторно отворање на Ормускиот теснец низ кој вообичаено поминува околу една петтина од светската трговија со нафта.
Волш пред медиумите во Сингапур изјави дека иако очекува пад на цените на сировата нафта, трошоците за авионско гориво најверојатно ќе останат благо зголемени поради влијанието врз рафинериите.
„Доколку повторно се отвори и остане отворен, мислам дека и понатаму ќе бидат потребни месеци за да се вратиме на потребното ниво на снабдување, имајќи ги предвид нарушувањата во рафинериските капацитети на Блискиот Исток кои се клучен дел од глобалното снабдување со рафинирани производи“, изјави Волш.
Авиокомпаниите ширум Азија ги намалуваат летовите, превезуваат дополнително гориво од матичните аеродроми и додаваат нови локации за дополнување гориво, бидејќи конфликтот на Блискиот Исток го намалува снабдувањето со керозин, што дополнително врши притисок врз индустријата веќе погодена од двојно зголемените цени.
Притисокот досега е најизразен на пазарите со пониски приходи и зависни од увоз, како Виетнам, Мјанмар и Пакистан, откако Кина и Тајланд го запреа извозот на авионско гориво, а Јужна Кореја го ограничи на нивото од минатата година.
Доколку сировата нафта повторно почне да тече, „би сакал да верувам“ дека Кина, како и Јужна Кореја, повторно ќе го обноват извозот на рафинирани производи, истакна Волш.
„Капацитетите на рафинериите ќе бидат достапни кога сировата нафта повторно ќе почне да тече, но ќе биде потребно време. Изразената разлика меѓу цената на сировата нафта и на рафинираното авионско гориво ќе ги поттикне рафинериите да го зголемат производството на авионско гориво“, рече тој.
април 8, 2026

