Connect with us

Вести

Гаши: Без Ромите општеството не е целосно, еднаквоста на Ромите не се одразува целосно и во реалноста

Борбата за еднаквост и унапредување на Ромите треба да биде цел на сите чинители во општеството. Ромската заедница е неразделен дел од ова општество, со истото достоинство, со истите права и со истата вредност како и секој друг граѓанин. Меѓутоа, еднаквоста на Ромите не се одразува целосно и во реалноста, тие се уште се соочуваат со разни препреки или дискриминација во многу сфери од животот, беше посочено на настанот „Од невидливост кон еднаквост – одржлива инклузија и правен идентитет за ромската заедница“ што се одржа во Собранието по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши нагласу дека денеска не треба само да го одбележиме овој датум, туку и да размислиме за нашата општествена и институционална реалност.

– Ова е момент за повторно потврдување на богатството на нашето општество, изградено врз разновидност, достоинство и културни разлики. Но, пред сè, ова е и можност да се заложиме за вредностите на еднаквоста, правдата и соодветната застапеност. По повод овој ден, сакам да нагласам дека ромската заедница е неразделен дел од ова општество, со истото достоинство, со истите права и со истата вредност како и секој друг граѓанин. Сепак, не би било искрено доколку тврдиме дека оваа еднаквост се одразува целосно и во реалноста, посочи Гаши.

Тој оцени дека и покрај напредокот во законодавството и јавните политики, многу ромски граѓани сè уште се соочуваат со разни препреки или дискриминација во пристапот до образование, вработување и други основни услуги, што претставува сериозен тест за функционирањето на владеењето на правото и еднаквоста.

– Затоа темата на денешниот ден „Од невидливост кон еднаквост“ има за цел да ја истакне оваа заложба. Затоа што невидливоста не значи отсуство на права, туку отсуство на правда. Таа не значи отсуство на еднаквост како концепт, туку недостаток на реални можности; не е отсуство на постоење, туку недостаток на застапеност. Пред сè, невидливоста не значи немање идентитет, туку честопати одразува недоволна почит и нарушено граѓанско достоинство, и во овој контекст сите ние сносиме одговорност, нагласи собранискиот спикер.

Гаши истакна дека демократијата не е подарок што ни доаѓа однадвор и оти таа е резултат на заеднички напор и начин на размислување вкоренет во колективната свест и токму затоа дека ни е потребен покоординиран, поодржлив и похрабар пристап, кој ќе ја обедини меѓуинституционалната соработка, политичката волја, граѓанската ангажираност, медиумската одговорност, а пред сè ќе обезбеди дека достоинството и вистинската еднаквост на секој граѓанин се водечки принципи, без исклучок.

– Што се однесува до Собранието, најнапред треба да ја истакнам заложбата на секој пратеник за унапредување и заштита на правата, промоција на културата и креирање политики што водат кон еднаквоста. Тука особено значајна улога има Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите, која претставува пример како суштинските општествени прашања треба да бидат предмет на консензус. Од друга страна, како што сум спомнал неколку пати, иако немаме ромски пратеник во парламентарниот состав, јас лично и со целосна убеденост, секогаш ќе бидам одговорен и посветен глас за заштита на правата и аспирациите на сите Роми во нашата земја, рече Гаши.

Според него, борбата за еднаквост и унапредување на Ромите треба да биде цел и на извршната власт, па затоа, рече, оваа прилика ја користи да го изрази неговото охрабрување за поголема посветеност и поцврста соработка во зголемувањето на можностите за застапеност, образование и вработување на Ромите.

– Без Ромите, општеството не е целосно, а институциите не се праведни. Тука сакам да нагласам дека и медиумите и граѓанското општество имаат своја улога во поттикнувањето конструктивни дебати, идентификувањето на предизвиците и соочувањето на институциите со реалноста. Само преку здрав јавен дијалог и искрена ангажираност можеме да обезбедиме движење од невидливост кон еднаквост, потенцира Гаши.

На крајот, додаде Гаши, мојата порака до ромската заедница е јасна.

– Вашиот глас е клучен, а вашето присуство суштинско. Затоа, не гледајте на себе само како корисници на политиките, туку како нивни креатори. Вашата заложба во образованието, јавниот живот, институциите и процесите на донесување одлуки е клучот за промената што сите ја посакуваме. Институциите се должни да ги отворат вратите, но подеднакво важно е тие врати да се искористат со храброст, доверба и истрајност. Вистинската инклузија започнува кога секој се гледа себеси како активен дел од општеството, а не како негов набљудувач, рече тој.

Претседателот на Собранието посочи дека ако сакаме поправедно општество треба да го изградиме заедно, ако сакаме посилни институции тие мора еднакво да им служат на сите, а ако сакаме посигурна и помирна иднина таа започнува денес, со одлуките што ги носиме и со храброста да учествуваме во нив.

– Јас сум убеден дека „општество што остава некого зад себе и самото заостанува“. Моето обраќање ќе го завршам со желба и надеж дека денешните дискусии ќе нè водат кон напредок, а следното одбележување на Меѓународниот ден на Ромите да нè најде со подобри политики, поголема застапеност и повисока свест, заклучи Гаши.

Едвард Андерсон, висок претставник на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, посочи дека заедно со членовите на Мисијата ја разгледале Стратегијата за Ромите и ги согледале предизвиците во областа на вработувањето, домувањето, образованието, здравството…

– Ќе продолжиме да одиме напред. Овој пристап бара координација и ги носи сите чинители на заедничка маса. Нашите клучни цели се ниту едно дете да не биде изоставено, ниту еден поединец да не биде изоставен, да се осигураме институциите да бидат одговорни и ефикасни. Ова бара конзистентност, заедничка работа и одговорност, рече Андерсон.

Јаше Сефер, претставник на ромската заедница во Комитетот за односи меѓу заедниците во Собранието на Република Mакедонија посочи дека празнувањето на овој ден не смее да биде само одбележување, туку потсетник дека патот кон целосна инклузија и видливост се уште е долг пред нас.

Тој оцени дека правото на идентитет е основно човеково право, а во контекст на тоа земјава донесе неколку закони со кои се овозможи невидливоста да стане видливост на Ромите.

– Се уште имаме многу деца кои растат на улица во сиромаштија исклучени од образовниот процес, млади кои се соочуваат со дискриминација при вработување. Одржливите политики можат да се креираат само кога гласот на заедницата е слушнат. Нека следниот 8 Април биде заложба десет години од сега дека нема да зборуваме за проблемите туку за постигнатиот напредок, рече Сефер.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3