Хроника
27 казнети, 5 приведени: Засилена полициска контрола за воведување ред кај моторџиите
Пет лица, меѓу кои и малолетник, се приведени во засилена сообраќајна контрола што ја спроведе полицијата на повеќе локации, при што биле изречени и 27 казни.
Акцијата ја реализирала Министерство за внатрешни работи на Македонија преку мобилната единица за безбедност на сообраќајот, а контролите биле насочени кон возачи на мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли. Тие се спроведувале на подрачјата на Куманово, Илинден, Бутел и Кисела Вода.
При контролата, тројца возачи биле санкционирани затоа што управувале мотоцикл без соодветна категорија во возачката дозвола, а дури 14 биле казнети бидејќи возеле без заштитен шлем. Дополнително, петмина добиле казни за други прекршоци.
Полицијата привела пет лица, од кои едно е малолетно, поради безобѕирно управување со моторно возило, односно возење без стекнато право за управување.
Од МВР најавуваат дека контролите ќе продолжат и во наредниот период со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
април 8, 2026

