Регион
Воена парада во Атина по повод националниот празник на Грција
Со традиционална воена парада, како и секоја година, во присуство на грчкиот државен врв, претставници на опозициските партии, на дипломатскиот кор, но и илјадници граѓани, во центарот на Атина се одбележа националниот празник на Грција, односно годишнината од востанието за независноста во 1821 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Припадници на вооружените и безбедносните сили на Грција, оклопни возила, пешадија, воени инвалиди, припадници на противпожарната служба, полицијата и крајбрежната служба, на воената морнарица, на претседателската гарда итн. учествуваа во воената парада.
Паралелно прелетуваа авиони и хеликоптери на военото воздухопловство, на полицијата и противпожарната служба, воените авиони Ф-16 и Рафал, како и легендарниот авион од Втората светска војна Супермарин Спитфајар, симбол на британското воздухопловство.
Оваа година на парадата, за првпат беа претставени и низа современи вооружени системи на грчката армија меѓу кои анти-дрон системот „Кентаврос“, првиот производ од соработката меѓу Грчкиот центар за одбранбени иновации и Грчката воздухопловна индустрија, што веќе е поставен на единици на Воената морнарица во регионот на Црвеното Море и на Кипар; системот за откривање и неутрализација на дронови; беспилотни летала; системите на беспилотни летала В-БАТ што претставуваат едни од ретките дрон-системи во светот со можност за вертикално полетување и слетување што значително ја зголемува нивната оперативна флексибилност, како и мобилна единица за производство на дронови.
Парадираа и оклопните возила М1117 од американско потекло, кои неодамна беа вклучени во составот на Грчката армија, како и возилото со две торпеда (Seahake – 4) од германско производство, наменета за лансирање од подморници.
По завршувањето на парадата, грчкиот премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис се осврна на силниот северен ветер што дуваше во Атина, посочувајќи дека „беше ветер на надеж, оптимизам и самодоверба“, додаде дека сите оние кои денеска ја следеа парадата или на телевизија или во живо „беа горди на вооружените сили“.
-Живееме во исклучително турбулентни времиња. Инвестирањето во националната одбрана не е луксуз, туку неопходност за земјата да биде безбедна и секогаш да се појавува како столб, како светилник на стабилност во едно многу турбулентно време. Земја која не ги штити само своите граници. Сила на мирот. Земја која на дело го штити и хеленизмот на Кипар, порача Мицотакис и додаде дека потребно е и национално единство.
Порака на обединетост, сплотени и со чувство на одговорност испрати и грчкиот претседател Константинос Тасулас.
Свеченостите по повод националниот празник 25 Март започнаа рано утрово, со 21 топовски истрел од брдото Ликавитос, по што следеше официјалното подигнување на државното знаме на Акропол.
Пред воената парада во Соборниот храм во Атина се одржа и свечена литургија со која чиноначалствуваше поглаварот на Грчката православна црква архиепископот Јеронимос во присуство на претседателот на Грција, Константинос Тасулас, како и на политичкото и военото раководство.
За време на парадата беа спроведени строги безбедносни мерки, а за новинарските екипи беа потребни специјални акредитации.
март 26, 2026

