Свет
Санчез во шпанскиот парламент: Последиците од нелегалната војна во Иран се катастрофални
Шпанскиот премиер Педро Санчез објасни денеска во парламентот во Мадрид дека неговата земја се спротивставува на нападите врз Иран затоа што не сака да учествува во „нелегална војна“ и да ја повтори грешката од окупацијата на Ирак во 2003 година.
„Тоа што таму се случува е катастрофа. Тоа е она што досега го постигнаа застапниците на војната“, рече Санчез, обраќајќи и се на опозициската десница собрана околу Народната партија и партијата Вокс (Vox).
„Не на војната!“, нагласи тој.
Санчез го искористи моментот да го нападне поранешниот премиер Хозе Марија Азнар, кој во 2003 година им се придружи на САД и Велика Британија во нивната инвазија на Ирак, каде што оружјето за масовно уништување за кое тврдеа дека никогаш не е пронајдено.
„Со текот на годините, некои од промоторите на војната во Ирак го променија својот став. Буш се извини, британскиот премиер се извини… и Азнар, што рече? Дека не се кае за ништо и дека никогаш нема да се кае. Тоа е моралната природа на поранешниот претседател Азнар“, рече тој, предизвикувајќи долг аплауз од пратеничките клупи на социјалистите, чиј лидер е.
Тој, исто така, ги нападна сегашните лидери на шпанската десница и повтори дека Израел и САД водат нелегална војна.
„Молчењето пред неправедна и нелегална војна не е мудрост и лојалност. Тоа е чин на кукавичлук и соучество“, нагласи тој.
„Сегашниот конфликт“, рече Санчез од говорницата, „го прекрши меѓународното право, го дестабилизираше Блискиот Исток, ги поттикна конфликтите во Ирак и Либан и ја закопа Газа во заборав и рамнодушност“.
Тој го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека „се обидува да нанесе исто ниво на штета и уништување“ на Либан како што му нанесе на Појасот Газа.
„А во Иран, тие го заменија еден Хамнеи со уште полош Хамнеи“, рече тој.
„Моџтаба Хамнеи е исто толку диктаторски настроен и е уште покрволочен тиранин од неговиот татко“, изјави шпанскиот премиер.
Санчез, економист по професија, предупреди дека конфликтот на Блискиот Исток ќе влијае на домашните услови и економијата.
„Оваа војна нема да резултира со повисоки плати, попристапни станови или подобри јавни услуги“, истакна тој.
Тој, исто така, посочи на падот на индексот на Мадридската берза.
„IBEX35 забележа пад од девет проценти, што значи дека шпанските компании изгубија повеќе од 100 милијарди евра за само еден месец од конфликтот“, објасни тој. Според него, „нелегалната војна претставува загуба од речиси пет милијарди евра за Шпанија секој ден од конфликтот“.
Лидерот на десничарската опозиција, Алберто Нуњез Фејо, одговори дека Шпанија „го губи своето место во светот“ и рече дека „многу од неговите европски колеги го нарекуваат Санчез предавник на Европа“ поради неговиот конфликт со американскиот претседател Доналд Трамп.
Лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал, го обвини Санчез дека ги искористува катастрофите „за да ја прикрие својата корупција“. „Вие ги сакате војните, пандемиите, затоа што ги користите за да се збогатите со вашите партнери и да ја прикриете вашата корупција“, му рече тој на премиерот.
март 25, 2026

