Connect with us

Култура

Објавена монографијата „Време на прекршувања – време на Голи Оток“ од Виолета Ачкоска

„Време на прекршувања – време на Голи Оток“ е насловот на монографијата од универзитетската професорка Виолета Ачкоска во издание на „Панили“, која, како што соопшти издавачката куќа, е резултат на повеќегодишни истражувања.

– Отсликано е едно специфично време на идеолошко-политички прекршувања на општествен план, но и на лични прекршувања на луѓето што не можеле да се снајдат во силните пресврти што се случувале во рамките на нападот на Информбирото (ИБ) на комунистичките и работничките партии врз Комунистичката партија на Југославија (1948 – 1956). Преку користење документи и литература од разна провиниенција, Ачкоска во оваа монографија го анализира времето на почетоците на Студената војна и формирањето на ИБ, судирот Сталин – Тито, начините на справување со приврзаниците на СССР и ИБ, системот на „општествено превоспитување“ и судбината на Македонците на Голи Оток и во другите логори за „информбировци“ и, на крајот, процесот на десталинизација и рехабилитација. Притоа, како што оценува рецензентот, професорот Никола Жежов, направен е успешен обид, од „заедничката“ историја на Инфорбирото да се раскаже дел од посебната македонска приказна – се наведува во соопштението. 

Иако голем дел од документацијата за ова време е уништена, а сведоците не се меѓу живите, Виолета Ачкоска успеала со критичка анализа на многубројни полициски досијеа, архивски записи, документи од домашните архиви и архивите во Белград, Љубљана и Софија, документите на ЦИА, мемоарска и друга литература и сеќавања на дел од „информбировците“ или нивните потомци, да направи историски веродостојна реконструкција на историските појави и процеси и да расветли одделни нерасветлени моменти од тоа време.

– Особено се презентирани начините на справување со приврзаниците на СССР и Информбирото во системот на „општествено превоспитување“, воспоставен од југословенските државно-партиски власти. Целиот овој систем е обработен главно преку судбините на поединците што ги доживеале физичките и психичките тортури во логорите и затворите за т.н. информбировци. Притоа централна точка  е Голи Оток и другите логори во кои престојувале, односно биле изолирани и упатени на опшествено-корисна работа луѓето што се определиле за резолуцијата на Информбирото или, пак, поради каков било  сомнеж во однос на генералната линија на КПЈ и Јосип Броз-Тито. Во овој круг на „информбировци“, кои ја поминале голооточката „школа“, авторката се задржува на одделни видни македонски дејци од периодот меѓу двете светки војни, шпански борци, учесници во НОБ, членови на Президиумот на АСНОМ и раководители на разни сектори во државата, писатели и други творци, меѓу кои: Панко Брашнаров, Кирил Петрушев, Лазар Соколов, Богоја Фотев, Владимир Полежиновски, Венко Марковски, Генадиј Илиев-Лешко, Ацо Петровски, Петар Пирузе, Павел Шатев, Васил Калајџиски, Неџат Аголи, Георги Василев, Трајко Мишковски, Иван Дојчинов, Димче Аџи Митрески, Мире Анастасов, Раде Лешков, Кирил Ќамилов, Иван Точко, Димче Најчевски, Дивна и Ратко Богоеви итн. – истакнува рецензентот Жежов посочувајќи дека „оваа монографија претставува значаен прилог во македонската историографија од најновиот век.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1