Технологија
„Нинтендо“ планира нов „Свич 2“ со заменлива батерија за Европа
Јапонската мултинационална компанија за видеоигри „Нинтендо“ (Nintendo) наводно подготвува нова верзија на својата рачна конзола „Свич 2“ (Switch 2) со батерија што корисникот ќе може да ја замени. Промената е во согласност со политиката на Европската Унија за „Правото на поправка“ од 2023 година, којашто се однесува на преносна електроника и бара лесна замена на батерии.
Според истите правила, контролерите „Џој-кон 2“ (Joy-Con 2), исто така, ќе бидат предизајнирани за да им овозможат на корисниците да ги заменат литиум-јонските батерии. Во мигов не е познато кога „Свич 2“ ќе се појави во продажба, но компаниите имаат рок до 2027 година да ги спроведат овие промени. Ваквата практика, според познавачите, го спречува непотребното отстранување функционални конзоли поради празни батерии.
Политиката на ЕУ веќе влијаеше на другите технолошки компании: „Епл“ го промени дизајнот на своите понови „Ајфони“ за да ја олесни замената на батериите, а гласините говорат дека и „Сони“ можеби ќе ги ажурира своите контролери „Дуалсенс ПС-5“.
Постои и можноста оригиналниот „Свич“ веќе да не биде достапен во ЕУ до крајот на 2027 година. Од „Нинтендо“ сè уште не ги потврдиле тие наводи. Покрај оваа вест, „Свич“ неодамна доби ажурирање на софтверот што им овозможува на постарите игри да работат на 1080п во рачен режим. Објавена е и нова игра, „Покемон покопија“ (Pokémon Pokopia), којашто привлекува големо внимание
март 25, 2026

