Connect with us

Вести

Мицкоски: Ќе поведам регионална иницијатива за здружување инвестиции во енергетиката, која ќе има потенцијал од неколку милијарди евра

Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско интервју најави дека ќе иницира регионална иницијатива за здружување инвестиции во енергетиката, која ќе има потенцијал од неколку милијарди евра. 

Мицкоски во емисијата „Заспиј ако можеш“ говореше за можноста регионот заеднички да настапува во поглед на привлекување на идните енергетски инвестиции за задоволување на доаѓачките потреби во светот. Премиерот потсети на последното свое учество во рамките на Светскиот eкономскиот форум во Давос. Тој посочи дека на една од панел-дискусиите имал можност заедно да учествува со Фатих Бирол од Светската енергетска агенција, американскиот секретар за енергетика, првите луѓе на АЕС и АРАМКО, а главна тема на дискусијата биле енергетските предизвици во светот во иднина.

– Бирол посочи дека потребите за енергија во светот во следната деценија ќе растат, но потребите за електрична енергија ќе растат два и пол пати побргу отколку вкупните потреби за енергија. Следната деценија ќе недостигаат речиси 40.000 теравати инсталиран капацитет во светот. За да имаме чувство што значи оваа бројка, таа е моментниот инсталиран капацитет на САД, Канада, ЕУ и на Јапонија заедно. Толку ќе треба да се изгради нов инсталиран капацитет во светот следната деценија – рече премиерот. 

Ако ние како држава, потенцира Мицкоски, се појавиме со иницијатива, може никој нема да нè препознае, но ако се појавиме како регион Западен Балкан, бидејќи далноводите и гасоводите немаат шенген-правила, и да привлечеме само 0,1 % од тие 40.000 теравати да изградат тука такви капацитети, тоа се 4 теравати.

– Цената на чинење на еден инсталиран мегават е 1 милион американски долари. Ние зборуваме за 4 милиони мегавати помножено со 1 милион долари, тоа се 4 трилиони американски долари. Ако го поделиме тоа на 10 години, доаѓаме на 400 милијарди американски долари годишно. Вкупниот номинален БДП на сите шест балкански земји е 250 милијарди долари. А јас ви велам само 0,1 % да успееме да донесеме од ова што ќе му треба на човештвото во следната деценија – објасни премиерот.
 
Мицкоски дополни дека разговарал со дел од своите колеги за оваа можност и најави дека за тоа сака да дискутира со сите земји од регионот на следниот состанок ЕУ – Западен Балкан во Подгорица и од тоа да произлезе регионална иницијатива.

– Предлог ми даде и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски да ја брендираме со име SECI (Skopje Еlectricity Connectivity Initiative), така да ја именуваме и тука да го направиме првиот состанок, во кој сите ние ќе предложиме проекти, кои потоа ќе бидат дел од тој регионален „пул“ на проекти што ние ќе им го нудиме на странски инвеститори. Притоа да дефинираме приоритети, од наша страна овој е тимот, од албанска страна е друг, од српска е трет, црногорска, косовска, босанска, да формираме тимови и да се поделиме на разни центри во светот и да го претставиме она што ние го нудиме како регион во делот на инвестициите. Тоа е корисно и за Европа, но и ние како регион да покажеме политичка порака дека ние можеме да се обединиме за повисока цел и можеме заедно да работиме – заклучи Мицкоски.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2