Свет
Лагард: ЕЦБ нема да се двоуми да дејствува во спречување на инфлацијата
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, ја нагласи подготвеноста на банката да дејствува доколку зголемувањето на цените на енергијата предизвикано од војната со Иран нагло ја зголеми инфлацијата, јави ДПА.
Управниот совет на ЕЦБ е подготвен, доколку е соодветно, „да направи промени во нашата политика на кој било состанок“, изјави Лагард денеска на настан во Франкфурт.
Постојат, додаде таа, „причини за будност“.
Шефицата на ЕЦБ нагласи дека банката нема да дејствува пред да има „доволни информации“ за обемот и времетраењето на шокот. Истовремено таа рече дека банката нема да биде „парализирана од двоумење“, пренесе ДПА.
Лаград ја опиша посветеноста на банката на среднорочна стапка на инфлација како „безусловна“.
Следната одлука за каматните стапки од страна на Управниот совет на ЕЦБ е закажана за 30 април.
На својот последен состанок минатиот четврток, највисокото тело за донесување одлуки во ЕЦБ ги остави клучните каматни стапки во еврозоната непроменети по шести пат по ред. Каматната стапка на депозити, која е важна за штедачите и банките, останува на два отсто, потсети ДПА
Нафтата и гасот станаа значително поскапи од почетокот на војната во Иран. Лагард рече дека ова би можело да ги зголеми и другите цени на долг рок, што пак ќе доведе до барања за повисоки плати.
„Може да се разгледаат мали, еднократни и краткотрајни шокови на понудата. Но, како што очекуваните отстапувања од нашата цел за инфлација стануваат поголеми и поупорни, аргументите за дејствување стануваат посилни“, рече Лагард.
„Значи, се соочуваме со ситуација каде што, ако сегашниот шок остане ограничен на енергетските пазари, тој може да има ограничен ефект врз пошироката инфлација. Но, ако се интензивира или продолжи, преносот би можел да се забрза“, додаде таа, пренесена од германската агенција
Ако инфлацијата значително се зголеми како резултат на зголемувањето на цените на енергијата, ЕЦБ би можела да го неутрализира ова со повисоки каматни стапки.
Повисоките каматни стапки би ги направиле кредитите поскапи, што би можело да ја ограничи побарувачката и да ја намали инфлацијата. Повисоките стапки на инфлација ја намалуваат куповната моќ на луѓето, потсетува ДПА.
март 25, 2026

