Свет
Германија почна контроверзен транспорт на нуклеарен отпад
Германија почна серија транспорти на нуклеарен отпад во својата најнаселена сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија – изјави портпарол на покраинското Министерство за внатрешни работи за агенцијата ДПА.
Првиот конвој, кој превезуваше контејнер од типот „Кастор“, доцна вчера тргна од поранешниот истражувачки реактор во западниот град Јилих и рано утрово пристигна во привременото складиште во Ахаус, речиси четири часа по поаѓањето, јави репортер на ДПА.
Транспортот, обезбедуван со силно полициско присуство, е прв од вкупно 152 планирани превоза на радиоактивен отпад. За операцијата беа ангажирани приближно 2.400 полицајци. Властите одбија однапред да ја објават точната рута на патувањето долго речиси 170 километри. Според полицијата, транспортот се одвивал целосно според планот и бил дури и нешто побрз од предвиденото.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи изјави дека конвојот броел 100-ина возила, а во операцијата бил вклучен и хеликоптер. Вкупно 300.000 сферични горивни елементи од затворениот реактор во Јилих треба постепено да бидат пренесени, што ја прави оваа операција една од најголемите за патен транспорт на нуклеарен отпад во Германија во последните децении.
Превозите следуваат по серија судски одлуки, вклучително и пресудата на Вишиот управен суд од март, со која се дозволува нивно спроведување.
Еколошката организација БУНД се обиде да ги блокира транспортите повикувајќи се на безбедносни ризици. Федералната канцеларија за безбедност при управување со нуклеарен отпад го одобри планот во август. На располагање се четири специјализирани возила, од кои секое е способно да носи по еден контејнер.
Отпадот се чуваше во привремено складиште во Јилих откако оперативната дозвола истече во 2013 година. Покраинските власти во 2014 година наредија негово отстранување поради загриженост за безбедноста при земјотреси. Планот се соочува со противење од локалното население и активистите во Ахаус, а по должината на трасата беа одржани неколку протести. Демонстрациите во Јилих, Ахаус и Дисбург собраа од десетици до неколку стотици учесници, но не го попречија транспортот.
Германија нема трајно складиште за безбедно чување радиоактивен отпад во период од стотици илјади години. Наместо тоа, постојат 16 привремени складишта, меѓу кои и она во Ахаус.
март 25, 2026

