Connect with us

Вести

Арсениј Јовков, 1923: Македонија е предодредена да биде самостојна и независна

„Откако несреќната македонска земја е разделена на три дела, секој од нив стана арена за натпревар на политичките партии на соодветните држави. Уште при зграбувањето на тие делови, политичките средишта на балканските престолнини, коишто ни за миг не запреле пред горките солзи на Македонецот, туку со оној стремеж својствен на властољубието, што ги карактеризира балканските користољубиви режими, јурнаа стрмоглаво кон сè пошироко зачувување на партиските периметри, сѐ со цел да ги чуваат, не интересите на „ослободените”, не вникнување во нивните болки, туку растргнувањето на и без тоа ранетите македонски гради, како и всадување на онаа партиска гангрена од којашто не се усреќија ни нејзините носители – балканските држави. Минаа четири години како Македонецот внимателно се вслушува во красноречивите предизборни зборови, посланија, повици и манифести, коишто му го примамуваат гласот со убавите перспективи за подобрување на неговата положба.“

Арсениј Јовков е роден во селото Селци, Дебарско, на 25 март 1882 година. Соселанецот Војдан Чернодрински, кој влијаел во обликувањето на неговата поетско-писателска дарба, му е вујко – брат на мајката на Арсениј, Митра. На преминот од XIX кон XX век, младиот Јовков се образува во Битолската гимназија, каде што учители му се Ѓорче Петров и Пере Тошев… Во пресрет на Илинденското востание, 1903., во престрелка со Турците, загинал татко му Атанас. Сè уште средношколец, Арсениј тогаш се враќа во Дебарско и е покрстен во ВМРО. Учествува во Илинденското востание, а по загинувањето на неговиот брат Нико Јовков, Арсениј станал војвода на неговата чета. По востанието се преселил во Бугарија, каде што како весникар, интелектуалец, општественик и писател, е еден од најистакнатите дејци на македонското прашање и за правата на Македонците под туѓа власт.

Во својот весник „Илинден”, во бројот од март 1923., Јовков говори за потребата на Македонецот да има своја самостојна политика – независна од српската, грчката и од бугарската државна политика. Во контекст на најавените парламентарни избори во Бугарија за таа 1923 година, во својот напис „Македонска листа на изборите”, Јовков истакнува дека свеста за македонската независност веќе созреала, и ги повикува Македонците – да не членуваат во ниедна партија во Бугарија, туку наместо тоа – да создадат одделна „Македонска листа“ т.е. ослободителна партија за идната независна Македонија.

„Бугарските партии, продолжувајќи да се фалат што која направила за Македонија, не престануваат да уверуваат дека слободата на Македонија ќе дошла само доколку нивната партија дојде на власт. Празни илузии, кои исчезнуваат уште вториот ден откако ќе ги украдат гласовите! …Ако парламентите се врховното место каде што се исповедаат болките и се жигосуваат неправдите – кој друг натрапен овластеник би можел да ги штити македонските интереси, да придонесе за менување на неговата судбина, освен самиот Македонец?“, прашува реторички Јовков. 

Во статијата, Јовков недвосмислено говори за самостојна и независна држава Македонија.

„По долгите обиди во минатото досега, при коишто македонското население ги носеше своите копнежи преку нему туѓи фактори, веќе јасно е востановен слоганот на македонското население внатре и на нивното иселеништво надвор, а тоа е геслото за независност на Македонија“, подвлекува македонскиот аналитичар.

Историчарот Никола Жежов смета дека овие ставови на Арсениј Јовков одат во насока на формирањето посебни македонски парламентарни групи во државните собранија на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, Бугарија и Грција.

– Целта е политичко афирмирање на идејата за создавање независна македонска држава. Во ова време Јовков бил во раководството на Илинденската организација – легална организација на македонските емигранти во Бугарија, до 1924 година, блиска со политиките и ставовите на ВМРО. Тоа што Јовков се залагал за посебни македонски парламентарни групи во собранијата на трите балкански групи било остварено само во Бугарија. Во бугарскиот парламент постоела т.н. Македонска парламентарна група, избрана со гласовите на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија. Арсениј Јовков бил еден од мнозината македонски дејци во Бугарија кој легално се борел за остварување на идејата за интегрално решавање на македонското прашање и дејствувал во правец на дистанцирање на македонското национално ослободително движење од политиките на Бугарија кон Македонија. Јовков загинал во крвавите пресметки во септември 1924 година кои се случиле по повод убиството на Тодор Александров, изјави проф. Жежов.

Јовков важи и за прв македонски филмски сценарист – како автор на документарниот филм „Македонија во слики“ од 1923., направен по повод 20-годишнината од Илинденското востание. Убиен е следната 1924 година, на 14 септември, во познатите Горноџумајски атентати на ВМРО-терористичка предводена од Ванчо Михајлов.

https://youtube.com/watch?v=6hrur1dv-gU%3Ft%3D11

Јовков сметал дека во Македонија не треба да има партии на другите балкански држави, бидејќи: „Македонија е предодредена да биде самостојна, и затоа треба да си основа своја, единствена (засега), ослободителна партија“, се нагласува во написот.

Во текстот се говори и за „српска“ и „грчка“ Македонија, поточно за Вардарскиот и Беломорскиот дел, но Јовков тука најмногу се задржува на Пиринска Македонија, бидејќи тој живеел, работел, пишувал и дејствувал во Бугарија.

„Ако овде свеста за македонската независност израснала повисоко до степен што оттаму се култивира и кон запад и кон југ, ако овде и денес уште се забележуваат пројавите на независноста – ние сметаме дека тамошниот Македонец од врвот на тоа свое стојалиште треба постојано да ја има на ум границата… Како што и за Македонецот од Штип има граница… И низ таа граница, тој не треба да слуша никакви бугарски партиски програми и платформи. Зошто таму Македонецот да членува во таа или онаа партија, кога тоа не се партии на идната независна Македонија, туку на Бугарија?”, продолжи авторот.

Кон крајот на написот, Јовков вели дека, во трите држави што во тој миг ја владеат македонската земја, идните можни три македонски пратенички групи, како „еднородни делови“ од целината, би се споиле во еден дом – „заедничка македонска камара“. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 1