Connect with us

Општини

Анализа: Повеќето општини немаат документи усогласени со националната антикорупциска рамка

Повеќето општини во земјава немаат документи усогласени со националната антикорупциска рамка.

Во повеќето статути не се содржани одредби за јавна отчетност, пристап до информации, судир на интереси и етички стандарди.

Мал број општини имаат кодекси на етика, а во голем дел недостасува обврска за објавување на одлуките, седниците и записниците од советите и комисиите.

Овие пропусти ја ограничуваат транспарентноста на одлучувањето и ја зголемуваат можноста за злоупотреба на службената положба, покажува Анализа на правната рамка за превенција и спречување на корупцијата со посебен фокус на општините во Република Северна Македонија, што беше презентирана денеска пред собраниската Комисија за локална самоуправа.

Анализата е изработена од професорите Мишо Докмановиќ, Мемет Мемети и Дарко Спасевски, во рамки на проектот на Заедници со интегритет на Националниот демократски институт (НДИ).

Како што беше речено, била спроведена анализа на постојната законска рамка за превенција и спречување на корупцијата, во периодот од јуни до октомври 2025 година и притоа биле опфатени триесет клучни закони во областа, со посебен фокус на општините во земјата.

Претседателот на Комисијата, Драган Ковачки информираше дека на иницијатива на пратеници во Собранието од парламентарниот состав 2024-2028 година, со поддршка од НДИ, е основана Меѓупартиска парламентарна група против корупција, на која освен пратеници, се приклучени и координаторите на пратеничките групи од различни политички партии.

-На овој начин, пратениците покажуваат дека имаат особен интерес за антикорупциски прашања и политики за справување и решавање на појавите и практиките на корупција во државата.

Целта и делокругот на работа на оваа меѓупартиска парламентарна група е во насока на унапредување и зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата, истакна Ковачки.

Професорите во образложението истакнаа дека за Анализата биле спроведени и интервјуа со клучните носители на интереси и на централно и на локално ниво (Битола, Боговиње, Гази Баба, Куманово, Струмица и Штип).

-Истражувањето има за цел да ја процени ефикасноста на законите за борба против корупцијата на национално и на општинско ниво, но и да даде препораки за подобрување на законодавството и да ја процени политичката изводливост на овие реформи, посочија професорите.

Според нив, за унапредување на состојбата, во Анализата се укажува дека е потребно сите статути и интерни акти на општините да се ревидираат и усогласат со Законот за спречување на корупцијата и други закони, да се воведат кодекси на етика и политики за интегритет, да се обезбеди јавна достапност на сите акти и одлуки, како и да се воспостават регистри на подароци, надворешни активности и ангажмани на избрани и именувани лица.

Вградувањето антикорупциски одредби во статутите и правилниците, оценија професорите, ќе придонесе за јакнење на културата на интегритет и доверба во локалната власт.

Претседателот на Комисијата, Ковачки и пратеникот Емил Спасовски констатираа дека ова истражување ќе влијае позитивно на подобрување на законодавството и ќе биде од корист за идни измени и дополнувања на бројни закони од областите што се предмет на оваа анализа.

Проектот „Заедници со интегритет“ е финансиран од владите на Швајцарија и Шведска и е имплементиран од НДИ, а има за цел да институционализира поадекватни и поефикасни системи за подобрување на интегритетот во општините и со тоа да ги минимизира ризиците од корупција во Северна Македонија.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3