Регион
Во Србија снабденоста на бензинските пумпи е редовна, нема редици за горива
На бензинските пумпи во Белград и во Србија воглавно нема редици од автомобили за точење гориво. Поголема побарувачка има само во земјоделските подрачја поради пролетната сеидба.
Државните мерки што ги презема Србија даваат резултати, но истовремено оптеретува и нерешеното прашање за санкции за Нафтената индустрија на Србија. Дозволата за работата на компанијата е продолжена до 17 април, но се чека одлука на американската администрација за лиценцата за преговорите за продажба на рускиот удел во таа компанија бидејќи постоечката истекува денеска.
Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ денеска, за време на обиколката на пумпите помеѓу Белград и Смедеревска Паланка, изјави дека снабденоста на малите и големите пумпи е редовна, дека нема редици и дека државата ќе продолжи да ја следи состојбата на пазарот.
Владата на Србија ја продолжи за уште 150 дена, односно пет месеци, Уредбата за ограничување на цената на нафтените деривати, со која се пропишува методата за утврдување на највисоките малопродажни цени за евродизел и бензинот евро премиум БМБ 95.
Со тоа, Правилникот за регулирање на цените на дериватите ќе важи до средината на август.
Уредбата за измена на Уредбата за ограничување на цената на нафтените деривати беше усвоена на седницата на 19 март.


