Вести
Судењето за „Онкологија 2“ прекинато, адвокатката Бегова казнета со 500 евра
Расправата на денешното рочиште за случајот „Онкологија 2“ во Кривичниот суд беше прекината откога адвокатката Анита Бегова, бранителка на обвинетиот Нехад Нухи, ја напушти судницата незадоволна од начинот на презентирање на материјалните докази на Обвинителството по што судот ѝ изрече глоба од 500 евра.
На денешното рочиште Обвинителството почна со изведување материјални докази – приближно 180 страници документи поврзани со набавки на лекови, договори за јавни набавки и финансиски извештаи. Дел од одбраната инсистира доказите да се презентираат поединечно, а Обвинителството сметаше дека тие веќе се опфатени во економското вештачење и не е потребно повторно детаљно читање.
– Јас ќе одам архивска папка по папка со тоа што деловите што се однесуваат на материјална евиденција по лек, нарачки, број на документи, што се однесуваат за набавка на лекови, договори вклучени за јавни набавки, аналитички картички итн. се документи што се дадени на вештите лица при изготвување на вештиот наод и мислење од областа на економското финансиско работење и тие материјални докази се анализирани и прегледани од нивна страна, а со оглед дека се дел од тоа вештачење, тие се доставени како материјални докази. Меѓутоа, ако ги читаме еден по еден, ниту е целисходно ниту е економично, а се наведени и во економското вештачење и затоа сметам дека не треба да се читаат и анализираат сите посебно бидејќи вештите лица ќе бидат испитувани и ако има одбраната доказ за кој смета дека треба да биде предочен и дискутиран при испитувањето на вештите лица, можам тоа да го направам при нивното испитување – рече обвинителката.
Адвокатката Бегова реагира дека судот не овозможува минимални стандарди за фер постапка и изјави дека нема да учествува во процесот додека доказите не бидат презентирани пред јавноста и поротата.
– Пракса на Обвинителството во многу предмети, па еве и овој, е всушност дека се однесува оти со самото обвинение, кое е поднесено и влегло во правна сила, го добило предметот и воопшто не чувствуваат потреба уважените колеги да се потрудат пред судот, пред поротата, да ги изведат соодветно доказите, анализирајќи го секој доказ поединечно и со тоа докажувајќи ја нивната теорија на случај. Точно дека во текот на истрагата на нашата одбрана ни беа презентирани доказите и овие докази ги имаме, ги добивме преснимени на УСБ, мене како одбрана ништо од тоа не ми алудира на некаква противправност. Дополнително, одбраната достави алтернативно мислење на вештиот наод и мислење, што исто така е поткрепен со илјадници докази, кои се однесуваат на набавки, фактури, плаќања, движење на лековите од клиничката аптека во оддели, требувања итн., што ја докажува нашата теорија на случај дека овде нема кривично дело што Обвинителството го тврди, а за кое денеска дознаваме дека не сака да го докаже со изведување соодветно на доказите. За волја на вистината, во согласност со новиот КЗ, и претседателот и членовите на судот сега ќе се запознаат со доказите и за нив се непознати – рече Бегова.
Судот оцени дека со ваквото однесување се нарушуваат редот и дисциплината, па донесе решение за глоба.
– Судот оценува дека со ваквото однесување на бранителката Анита Бегова не само што се нарушуваат редот и дисциплината во судницата туку во наводите дека не се даваат минимални права за одржување расправа во одреден степен се навредува и судот, па во смисла на член 361 и 88 од ЗКП судот донесе решение бранителката Анита Бегова да се казни со глоба од 500 евра во денарска противвредност и против ова решение дозволена е жалба до советот по член 25 став 5 по писменото изготвување на решението – рече судијката.
Поради потребата да се назначи нов бранител по службена должност за обвинетиот Нехат Нухи, расправата беше одложена и ќе продолжи на 7 април 2026 година.
Во предметот „Онкологија 2“, Никола Васев и Нехат Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.
Паралелно со ова, во тек е и постапката „Онкологија 1“, каде што Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.
март 24, 2026

