Општини
Словенечка поддршка за македонските земјоделци – подобро справување со климатските промени преку современи, одржливи практики
Поддршка за најмалку 50 земјоделци и нивните семејства, oбука на 40 земјоделци за климатски паметни практики, формирање четири демонстративни парцели на кои ќе се тестираат и прикажуваат практики за ефикасно користење вода, подобрување на почвата и климатски отпорно земјоделство, микро-грантови за 12 земјоделски иницијативи, финансиска поддршка за почнување четири бизниси управувани од жени и формирање земјоделска задруга со најмалку 40 отсто жени, предвидува проектот „AgriSHIFT – одржливо земјоделство“ што почна во јануари 2026, а ќе трае до септември 2028 година.
Со активностите се опфатени три речни сливови: Вардар, Струмица и Црн Дрим, во општините Гевгелија, Богданци, Валандово, Струмица, Радовиш, Василево, Босилово,
Струга, Вевчани и Дебар.
Целта е поддршка на земјоделците во справувањето со последиците од климатските промени преку современи и одржливи практики.
Проектот е финансиран во рамки на програмата за меѓународна развојна соработка на Република Словенија, со дополнително кофинансирање од локалниот партнер и други
придонеси од вклучените организации. Го води Форумот за праведен развој (FER) од Словенија, а во земјава го спроведува Милиеуконтакт Македонија (MKM).
-Иницијативата доаѓа во време кога земјоделството се соочува со зголемени суши, нерамномерна распределба на водните ресурси и ограничен пристап до современи технологии. Особено погодени се жените и младите во руралните средини. Проектот предвидува директна поддршка за земјоделците преку обуки, менторство и финансиска помош, со цел зголемување на продуктивноста и отпорноста на фармите. Вклучува и активности за унапредување на родовата еднаквост, со посебен фокус на економско зајакнување на жените во земјоделството. „AgriSHIFT“ има за цел да поттикне премин кон одржливо и климатски отпорно земјоделство преку подобро управување со природните ресурси, трансфер на знаење и развој на нови економски можности за руралното населени, велат од MKM.
март 24, 2026

