Економија
Славески: Шокот од кризата е поголем, но лекциите се научени, Народната банка е подготвена да одговори со сите расположливи инструменти
Централната банка ја следи состојбата и е подготвена да одговори со сите расположливи инструменти. Шокот од кризата е поголем од оној од 2021 година, но лекциите се научени. Депозитите се стабилни, девизните резерви се повисоки од пред пандемијата, порачува првиот човек на централната банка во земјава Трајко Славески.
Во изјава за медиумите, Славески рече дека девизните резерви се за околу 70 проценти повисоки од пред пандемијата и дека тоа е значајно за стабилноста на девизниот курс, а стабилни се и депозитите кои дури и растат.
– Вакви шокови сме имале и во минатото. Многу е научено, особено во контекст на отпорноста на шокови на глобално ниво, како и преминот кон обновливи извори на енергија. Но, шокот е многу сериозен и Република Македонија не може да остане изолирана. Централната банка, во тесна координација со Владата и Министерството за финансии, ги следи состојбите кои, за жал, се менуваат од час во час, и е подготвена да одговори со сите расположливи инструменти. Овие енергетски шокови претставуваат сериозен предизвик за носителите на економските политики и можат само делумно да се апсорбираат.
Народната банка располага со девизни резерви кои се за околу 70 проценти повисоки од пред пандемијата, односно околу 5,5 милијарди евра што е значајно за стабилноста на девизниот курс. Имавме мала конверзија на денарски депозити во странска валута во првата недела по конфликтот, но тоа веќе се нормализираше. Депозитите се стабилни, па дури и растат. Можно е зголемената цена на нафтата да се одрази врз трговското салдо и потребата од финансирање преку девизните резерви, рече Славески.
Предизвик за Владата и Народната банка, според гувернерот, е да се држи инфлацијата под контрола, а притоа да не се загрози економскиот раст. Препораките се мерките што ќе се носат да бидат краткорочни и таргетирани особено кон најранливите категории на граѓани и да се искористат сите можности за заштеда, особено во потрошувачката на енергија.
Со оглед на случувањата на глобално ниво и очекувањата за зголемување на инфлацијата, гувернерот најавува можност за ревидирање на проекциите за инфлацијата.
март 24, 2026

