Свет
Русија започнува изградба на сопствена сателитска мрежа „Рассвет“, пандан на „Старлинк“
Руската компанија „Bjuro1440“ ги лансираше првите 16 сателити за широкопојасен пристап до интернет во ниската Земјина орбита, со што започна процесот на воспоставување руска верзија на американската сателитска мрежа „Старлинк“ (Starlink), објавија денеска руските медиуми.
Сателитите беа лансирани вчеравечер, објави „Bjuro1440“ во денешното соопштение, истакнувајќи дека сателитите биле успешно одвоени од лансирното возило и дека центарот за контрола на мисијата ја презел контролата, пренесуваат руските медиуми.
„Следниот чекор е да се проверат интегрираните системи и да се движиме кон целната орбита“, наведуваат во „Bјuro1440„.
На почетокот на годината, извршниот директор на руската државна вселенска корпорација „Роскосмос“, Дмитриј Баканов, објави дека оваа година Москва ќе започне со сериско производство на сателити за широкопојасен интернет и ќе воспостави две нови констелации.
Констелацијата „Рассвет“ на приватната компанија „Bjuro1440“ ќе биде верзија на мрежата сателити „Старлинк“ за обезбедување широкопојасни интернет услуги, објави рускиот економски весник „Взглјад“.
До 2027 година, констелацијата „Рассвет“ во ниската Земјина орбита ќе има над 300 сателити, истакна Баканов на почетокот на годината.
Оваа констелација треба да обезбеди широкопојасни интернет услуги на тешко достапните територии на Русија, вклучувајќи го и Арктикот, но и да овозможи безбедна комуникација за воените сили.
„Клучно е да се обезбедат комуникациски услуги во сите области што не се покриени со мрежи на Земјата“, нагласи шефот на „Роскосмос“.
„Рассвет“ од 300 сателити тешко може да се спореди со таа на „Старлинк“, што има околу десет илјади сателити, покажуваат податоците од ноември минатата година, изјави воениот експерт Јуриј Кнутов за „Взглјад“.
„Целта на нашиот систем е да ја надминеме британската констелација „OneWeb“, која е веќе воспоставена, но може да обезбедува услуги само на корпоративни клиенти и големи воени единици како што е бригада“, додаде експертот
март 24, 2026

