Connect with us

Свет

„Москва тајмс“: Русија првпат по две децении продава дел од златните резерви за да го покрие буџетскиот дефицит

Руските власти, првпат по речиси четврт век, почнаа со распродажба на физичко злато од резервите на Централната банка со цел да го покријат високиот дефицит на федералниот буџет – јавува „Москва тајмс“.

Буџетскиот дефицит за периодот 2022 – 2025 година надмина 15 трилиони рубли, а само во првите два месеца од тековната година се евидентирани дополнителни 3,5 трилиони рубли минус. (1 рубља = 0,011 евра).

Според податоците на Централната банка на Руската Федерација, во јануари биле продадени 300 илјади унци физичко злато, а во февруари уште 200 илјади унци. Со ова вкупните златни резерви се намалија на 74,3 милиони унци, што е најниско ниво во последните четири години.

Светскиот совет за злато наведува дека оваа продажба од 14 тони за само два месеца е најголема од вториот квартал во 2002 година, кога резервите беа намалени за 58 тони.

До неодамна операциите со злато беа главно „виртуелни“ – владата го продаваше благородниот метал на Централната банка, со што средствата само се префрлаа од еден во друг државен сектор, а шипките остануваа во составот на државните резерви. Сега ситуацијата е променета и Централната банка спроведува реални пазарни операции со физичко злато, слично како што веќе се прави со кинескиот јуан.

Економистите сметаат дека овој потег е изнуден бидејќи јуанот е последната достапна валута за влијание врз курсот на рубљата, а Централната банка не сака целосно да ги исцрпи тие резерви, особено по замрзнувањето на 300 милијарди долари руски имот на Западот.

Аналитичарите посочуваат дека мотив за продажбата е и рекордно високата цена на златото, која во јануари надмина 5.600 долари за унца. Вредноста на златото во руските резерви на 1 март изнесуваше 384 милијарди долари, што чини 47 % од вкупните резерви на земјата. Иако јануарската продажба донесе речиси 120 милијарди рубли, инвестициските банкари забележуваат дека овој приход покрива само 3 % од годишниот буџетски дефицит.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4