Connect with us

Вести

Ивановски: Со неселективно постапување во случаи на висока корупција ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите

Само преку доследно и неселективно постапување на институциите во случаи на корупција граѓаните ќе може да ја вратат довербата во системот, е еден од заклучоците на денешната сесија на Националната конвенција на Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Институционалните капацитети за спречување и борба против корупцијата во Република Северна Македонија: европски перспективи и национални практики“.

Директорот на Финансиската полиција, Слободан Ивановски, рече дека слабеењето на државата, кога корупцијата доминира секаде, е како некоја болест, која е малигна и не умира одеднаш, туку постепено.

– Затоа ние како институции имаме обврска и одговорност да ја превенираме оваа болест и колку што можеме да ја одложиме или да ја спречиме. Ќе почнам од еден граѓански аспект, медиумски, јавен аспект – притискајте што повеќе затоа што вашето акцентирање на коруптивните елементи и на коруптивните алатки значат притисок врз нас институциите да постапуваме неселективно – истакна Ивановски.

Тој рече оти се гордее дека како институции спроведуваат постапки врз актуелни функционери, каде што се процесираат актуелни функционери за корупција и каде што завршуваат онаму каде што им е местото. 

– Само на тој начин ќе покажеме дека институциите функционираат и дека секој мора да одговара. Затоа мораме преку нашето постапување да ја вратиме и довербата кај граѓаните. Зошто? Затоа што кај граѓаните владее еден општ менталитет, не по нивна вина, туку од искуството во минатото – дека секое службено лице може што сака да прави, може да биде подложно на корупција и за тоа, едноставно, нема институција што ќе преземе нешто и лицето нема да одговара – нагласи Ивановски.

Тој потенцира дека треба да се врати оваа доверба на граѓаните во институциите. 

– Во овие 19 месеци сум сретнал многу примери што не се охрабруваат да пријават затоа што нивниот исказ, односно нивната парола, е дека: „залудно ќе го пријавам случајот, на крајот ќе си направам сам на себе проблем“. Ама јас му велам – ти гарантирам дека тоа ќе го истуркам до крај. „Да, вели, ама додека сте вие на оваа функција, а потоа, ако дојде некој друг, јас ќе трпам одредени реперкусии“, поосчи Ивановски.

Според него, додека не се смени менталитетот и додека психолошки не влијаеме преку наше постапување и процесирање на случаите, ние нема да направиме ништо.

Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, истакна дека со внимание го следат изборот за нов член на антикорупциската комисија бидејќи, како што посочи, од исклучителна важност е комплетирањето на Комисијата по двете оставки, од поранешната претседателка и од членката Цвета Ристовска.

– За жал, вчера е поништен конкурсот, таква била оценката во Собранието, бидејќи тоа е надлежно. Ние како Комисија очекуваме во најкус можен рок да се повтори огласот и да се избере кандидат што ќе ги исполнува сите услови и најважно од сè е да биде со интегритет – рече Чучуљ.

Во однос на активностите на ДКСК за враќање на довербата во институциите, тој рече дека најважно од сè е преземање активности во рамките на нивните законски надлежности.

– Во завршна фаза сме на подготвување на новата национална стратегија, утврден е нацрт-текст и таа ќе биде споделена со сите институции што имаат свои обврски за исполнување од оваа стратегија, со цел да се произнесат, по што текстот ќе го објавиме на нашата веб-страница, со цел и експертската јавност да даде и свој придонес и да донесеме спроведлива национална стратегија, која ќе го зајакне системот отпорен на корупција – рече Чучуљ.

Дополнителном ДКСК, додаде тој, како во изминатата така и оваа година, ќе го продолжи да го развива системот на интегритет.

– Оваа година сме насочени кон судството, односно највисоките судски инстанции ги потпишаа политиките на интегритет и очекуваме во текот на оваа година целото судство да ги прифати, кои создваат систем отпорен на коруција, односно, пред сè, да создадеме систем, односно институции и личности отпорни на корупција и само на тој начин можеме да застанеме на патот на корупцијата – нагласи Чучуљ.

Тој истакна дека законот треба еднакво да важи за сите и решавањето и откривањето случаи на висока корупција ќе придонесе за враќање на довербата во институциите.

– Од друга страна, ние како превентивен орган, заедно со други фактори, треба да изградиме систем што нема да дозволи да дојде до таа корупција – рече Чучуљ.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1