Connect with us

Вести

Дебата на НКЕУ-МК: Ефикасноста на антикорупциските закони зависи и од човечиот капацитет, граѓаните мора да ја вратат довербата во институциите

Неселективното постапување во процесуирање случаи на висока корупција ќе придонесе за враќање на довербата на граѓаните во институциите. Граѓаните мора да имаат доверба дека пријавата ќе резултира со завршница без последици за нив. Ефикасната борба против корупцијата исто така бара итна дигитализација, засилена меѓуинституционална координација и видливи резултати од финансиските истраги и конфискацијата на имот. Ефикасноста на антикорупцискиот систем не зависи само од квалитетот на законската рамка, туку и од човечкиот капацитет што ја спроведува. Ова беа дел од заклучоците на учесниците на сесијата на Националната конвенција на Европската Унија во Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Институционалните капацитети за спречување и борба против корупцијата во Република Северна Македонија: европски перспективи и национални практики“.

Директорот на Финансиската полиција, Слободан Ивановски, рече дека слабеењето на државата, кога корупцијата доминира секаде, е како некоја болест, која е малигна и не умира одеднаш, туку постепено и затоа институциите имаат обврска и одговорност да ја превенираат оваа болест и колку што можат да ја одложат или спречат.

Тој рече оти се гордее дека како институција спроведуваат постапки врз актуелни функционери, каде што се процесираат за корупција и каде што завршуваат онаму каде што им е местото.

– Само на тој начин ќе покажеме дека институциите функционираат и дека секој мора да одговара. Затоа мораме преку нашето постапување да ја вратиме и довербата кај граѓаните. Зошто? Затоа што кај граѓаните владее еден општ менталитет, не по нивна вина, туку од искуството во минатото – дека секое службено лице може што сака да прави, може да биде подложно на корупција и за тоа, едноставно, нема институција што ќе преземе нешто и лицето нема да одговара – нагласи Ивановски.

Тој потенцира дека треба да се врати оваа доверба на граѓаните во институциите.

– Во овие 19 месеци сум сретнал многу примери што не се охрабруваат да пријават затоа што нивниот исказ, односно нивната парола е дека: „залудно ќе го пријавам случајот, на крајот ќе си направам сам на себе проблем“. Ама јас му велам – ти гарантирам дека тоа ќе го истуркам до крај. „Да, вели, ама додека сте вие на оваа функција, а потоа, ако дојде некој друг, јас ќе трпам одредени реперкусии“, посочи Ивановски.

Осврнувајќи се на финансиските истраги, тој рече дека корупцијата е најчеста во делот на јавните набавки и оти тоа не е тајна.

null
– Но, сепак, за да работиме предистражна постапка во делот на јавните набавки и за да фатиме корупција, таа се фаќа во моментот, и со ПИМ мерки и со сите други алатки коишто ги нуди законот. Во делот кога тендерот е завршен, односно јавната набавка, кога е спроведена, кога е реализирана, ние го имаме потешкиот дел. Ние може да гледаме само хартија, дали ќе дојдеме до докази за криминал, и тоа е знак прашање. Тоа другото што го нема на хартија и ако во моментот не е фатено, е малку потешко. Едно е спроведувањето на јавната набавка, и грешки во постапка, спецификација, и ограничување на конкуренција каде што се фаворизира одредена фирма, тоа е полесниот дел. Потешкиот дел е реализацијата на таа јавна набавка, уште потешкиот дел е корупцијата која што се фаќа во моментот, на лице место. Мораме да изградиме перцепција во нашево општество дека треба да постапуваме, истакна Ивановски.

Посочи дека како правосудна полиција мора да ги почитуваат и да ги следат насоките и наредбите од страна на Јавното обвинителство.

– Финансиските истраги се исто толку битни колку криминалистичката истрага. И финансиската истрага мора да оди рака под рака, т.е. паралелно со криминалистичката истрага, па дури некогаш и да ѝ претходи. Зошто? Затоа што на крајот на денот мораме да видиме каде завршиле тие пари, во што се претворени, каков имот поседува сторителот на тоа кривично дело и кој е тој принос од тоа казниво дело, рече тој.

Потсети дека во 2025 година, Финансиската полиција спровела 58 финансиски истраги, што, како што рече, ако ги споредиме со години наназад, ако земеме 20-та, 21-ва, 22-ра година каде што тие биле едноцифрени, во некоја од тие години доаѓаат до 10, 11, 12. – Сепак, имаме енормно зголемување на финансиските истраги, што е и нашата главна цел, рече Ивановски.

Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, во однос на активностите на ДКСК за враќање на довербата во институциите, рече дека најважно од сè е преземање активности во рамките на нивните законски надлежности.

– Во завршна фаза сме на подготвување на новата национална стратегија, утврден е нацрт-текст и таа ќе биде споделена со сите институции што имаат свои обврски за исполнување од оваа стратегија, со цел да се произнесат, по што текстот ќе го објавиме на нашата веб-страница, со цел и експертската јавност да даде и свој придонес и да донесеме спроведлива национална стратегија, која ќе го зајакне системот отпорен на корупција – рече Чучуљ.

Дополнително ДКСК, додаде тој, како во изминатата така и оваа година, ќе продолжи да го развива системот на интегритет.

– Оваа година сме насочени кон судството, односно највисоките судски инстанции ги потпишаа политиките на интегритет и очекуваме во текот на оваа година целото судство да ги прифати, кои создаваат систем отпорен на коруција, односно, пред сè, да создадеме систем, односно институции и личности отпорни на корупција и само на тој начин можеме да застанеме на патот на корупцијата – нагласи Чучуљ.

Тој истакна дека законот треба еднакво да важи за сите и решавањето и откривањето случаи на висока корупција ќе придонесе за враќање на довербата во институциите. – Од друга страна, ние како превентивен орган, заедно со други фактори, треба да изградиме систем што нема да дозволи да дојде до таа корупција – рече Чучуљ.

null
Драгана Биковска, претседател на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот и советник на вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење, истакна дека ако треба да ја сведеме борбата против корупцијата и организираниот криминал на суштина, тогаш тоа е способноста на државата да го одземе криминалниот профит.

– Ефикасноста на системот се мери преку способноста да се пронајде, замрзне и конфискува криминалниот профит. А криминалниот профит не е само безбедносен ризик, тоа е економска дисторзија. Токму затоа, финансиските истраги и одземање на незаконски стекнатиот имот не се само правен инструмент, туку економска и системска алатка за заштита на пазарот, интегритетот на институциите и довербата на граѓаните. Визијата е јасна. Криминалниот капитал да се отстрани од економијата, институциите да делуваат синхронизирано, а резултатите да бидат видливи и мерливи, рече Биковска.

Потсети дека новата стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025-2028 претставува клучен реформски документ и оти нејзина цел е создавање ефикасен, координиран и мерлив систем за откривање, следење и одземање на незаконски стекнатиот имот.

Милева Ѓуровска, национална координаторка на НКЕУ-МК, истакна дека и покрај доминантната негативна перцепција во јавноста за владеењето на правото, во експертските кругови се забележуваат позитивни поместувања.

– И покрај тоа што во јавноста доминира негативна перцепција за владеењето на правото – што е во голема мера оправдано – од перспектива на Националната конвенција може да се истакне дека сепак постои придвижување во позитивна насока. Ова особено се потврдува преку компаративните анализи во регионален контекст, каде што Македонија постигна напредок во усвојувањето на препораките за спречување на корупцијата. Видлив е еден нов пристап кон препораките на Европската комисија и на другите меѓународни организации, како и ново разбирање за тоа што навистина значат мерливи резултати, особено преку имплементацијата на Планот за раст, рече Ѓуровска, посочувајќи дека е време граѓанскиот сектор да препознае конкретен напредок, без притоа да ја изгуби својата критичност.

Лука Фортелеони, од Италијанскиот национален орган за борба против корупцијата (ANAC), се осврна на италијанскиот антикорупциски систем, кој бележи голема ефикасност. Тој преку видео-обраќање ги сподели италијанските искуства, нагласувајќи дека дигитализацијата е најмоќното оружје.

Фортелеони посочи дека Италија користи национална база со 65 милиони документи за јавни набавки, која е создадена во последните 15 години, што овозможува превенција и директно изрекување финансиски казни од страна на самото антикорупциско тело.

Русудан Табатадѕе, шеф на Одделот за владеење на правото и човекови права од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, потсети дека ОБСЕ работи на тригодишна стратегија 2025-2027 за спречување на корупцијата. Рече дека е забележан одреден напредок, во однос на интегритетот во судството.

– Под водство на ДКСК, соработувавме со 80 агенции или институции на локалната самоуправа, за прво да развиеме, а потоа да усвоиме стратегии за борба против корупцијата. И можеме да кажеме дека самите општини нè информираат дека таму се спроведуваат политики за интегритет и дека се водат од нив во нивната секојдневна работа, рече таа.

На сесијата беше заклучено и дека усвојувањето на законите е само почеток на реформите, а граѓаните ќе ги оценат само доколку почувствуваат подобрување во секојдневието – од здравството до јавните услуги.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1