Свет
Арагчи: Ормуската Теснина останува затворена за „агресорските земји“
Иранскиот министер за надворешни работи Сејед Абас Арагчи изјави дека стратешки важната Ормуска Теснина е отворена само за бродови на земјите што не ги поддржуваат нападите на САД и Израел врз Иран. Тој прецизира дека преминот е затворен за пловилата на „агресорските држави и нивните поддржувачи“, пренесува порталот „Прес ТВ“.
Во телефонски разговор со својот јужнокорејски колега Чо Хјун, Арагчи истакна дека моментната несигурност во регионот и во Ормуската Теснина е директна последица на нападите врз Иран извршени на 28 февруари. Шефот на иранската дипломатија повтори дека Техеран одлучно ќе го брани својот национален суверенитет и територијален интегритет.
Министерот Чо изрази сочувство за жртвите меѓу иранските граѓани и предупреди дека регионалната нестабилност има сериозни негативни последици врз глобалната економија, особено врз енергетските пазари.
Арагчи во текот на денот оствари разговори и со своите колеги од Египет и Оман, Бадр Абделати и Саид Бадр Албусаиди, при што беше нагласена неопходноста од регионална деескалација и засилена координација меѓу државите во регионот за намалување на тензиите.
март 24, 2026

