Свет
Трамп ги одложи нападите врз Иран за пет дена по „продуктивни разговори“, пад на цената на нафтата по сигналите за деескалација
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека наредил привремено одложување на сите воени удари врз иранската енергетска инфраструктура за период од пет дена, по, како што наведе, „многу добрите и продуктивни разговори“ меѓу САД и Иран за целосно завршување на непријателствата на Блискиот Исток.
Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“ (Truth Social) наведе дека во изминатите два дена биле одржани „детаљни, опсежни и конструктивни разговори“ меѓу двете страни, кои ќе продолжат во текот на неделата.
„Врз основа на карактерот и тонот на овие разговори, наредив Министерството за одбрана да ги одложи сите воени удари врз иранските енергетски постројки и инфраструктурата за пет дена под услов тековните состаноци и разговори да бидат успешни“, напиша Трамп.
Оваа изјава доаѓа само два дена по остриот тон на американскиот претседател. Во саботата доцна вечерта тој се закани дека САД ќе ги „уништат“ иранските електрани доколку Техеран не ја отвори целосно и без услови Ормуската Теснина во рок од 48 часа.
„Ако Иран целосно, без никаква закана, не ја отвори повторно Ормуската Теснина во рок од 48 часа, САД ќе ги нападнат и уништат неговите електрани, почнувајќи од најголемата“, изјави тогаш Трамп.
Само ден претходно, во петокот, Трамп изјави дека не е заинтересиран за прекин на огнот со Иран нагласувајќи дека е отворен за разговори, но не и за примирје.
По најновите изјави за напредок во разговорите, дојде до пресврт на финансиските пазари. Цената на нафтата од типот „брент“ забележа пад од 13 проценти спуштајќи се на речиси 96 долари за барел.
Истовремено, берзанскиот индекс FTSE 100 премина во позитивна зона со раст од 0,5 проценти откако претходно бележеше пад од повеќе од 2 процента.
март 23, 2026

