Општини
Се зголемува бројот на животни во штипскиот ЗОО парк
Бодликави и виетнамски прасиња, волк, коати, лемури и лебед се новите животни кои пред Велигден ќе пристигнат во ЗОО паркот „Бриони“ во Штип. За нив веќе се подготвуваат нови живеалишта, како дел од проширувањето на капацитетите на паркот. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека активностите ги реализира ЈП „Исар“, кое работи на изградба на нови кафези за овие шест видови животни. Посочи дека новитетите во ЗОО паркот ќе бидат одлична можност за младите, за граѓаните од градот и од регионот во своето слободно време го посетат паркот и да поминат убави мигови.
-Оваа пролет во ЗОО паркот „Бриони“ ќе имаме новитети, по однос на нови живеалишта за нови шест видови на животни, кои ќе го збогатат ЗОО паркот. Навистина ми е драго што овој парк, прераснува во еден од поубавите во нашата држава, покрај скопската зоолошка и битолската, затоа што секоја година ги прошируваме капацитетите живеалиштата и воведуваме нови животни-рече Јорданов.
Во штипскиот ЗОО парк претходно беа донесени и две ему птици и еден гривест мајмун.
март 23, 2026

