Општини
Општина Битола ги интезивира инфраструктурните проекти во градот
Општина Битола ја интензивира реализацијата на инфраструктурни проекти на повеќе локации во урбаниот и руралниот дел на општината.
Од секторот за односи со јавност информираат дека во тек се градежни активности, реконструкција на дел од коловозот на улицата „Леринска“ и на дел од улицата „Христо Узунов“, а се уредува и паркинг просторот во непосредна близина на СВР Битола.
-Во моментов јавното претпријатие „Нискоградба“ изведува мешовита фекална и атмосферска канализација, а ќе се изведуваат и приклучоци за куќите на улиците „Леринска“ и „Христо Узунов“. Според проектот планирано е и асфалтирање на улиците. За реконструкција на коловозот ќе се вложат 4 милиони денари, а за изведбата на канализацијата 2,8 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Битола, велат од општината.
Локалната самоуправа, додаваат, врши и уредување на неорганизирана земјена површина во непосредна близина на СВР Битола.
-Партерното уредување со бехатон плочки е на површина од околу 800 квадратни метри, а проектот вклучува и решение на канализацијата, односно преку собирни одводни решетки, насобраната атмосферска вода ќе се одведува од партнерната површина. Вкупната сума за реализација на овој проект е околу 2,3 милиони денари, a изведувач на работите е ЈП „Нискоградба“, информираа од тамошната локална самоуправа.
Општина Битола ќе продолжи со уредување и на други простори од каде што беа отстранети т.н. „диви“ гаражи и ќе се направат нови паркинг простори како што се местата викани „Овчи Пазар“, „Ат Пазар“, „Хеликоптерот“, „Кифлата“ и локацијата во близина на „Дрвен Пазар“.
март 23, 2026

