Connect with us

Регион

Нов штрајк на таксистите во Грција

Нов, 24-часовен штрајк, започнаа утрово таксистите низ цела Грција со цел уште еднаш да го изразат нивното незадоволство и несогласување за новиот закон од Министерството за транспорт што воедно се однесува и на такси превозот, а во текот на денешниот ден се очекува да биде ставен на гласање пред пратениците, јави дописничката на МИА од Атина.

Такси возачите, не се согласуваат со одредбите од законот што се однесуваат на задолжителната замена на возилата во Солун и Атина со целосно електрични, како и одредбите со кои, како што велат, им се дава предност на приватните возила со возач.

Како што соопштија од Грчката федерацијата на професионални такси возачи, „сите членови од законот имаат цел да ја обезвреднат улогата на таксито и неговиот јавен карактер, бидејќи ја отежнуваат одржливоста на професијата и на семејствата на такси-превозниците низ целата земја“.

Во рамките на штрајкот, таксистите ќе одржат и протест пред грчкиот Парламент, а најавено е присуство на такси-возачи од цела Грција кои со автобуси ќе пристигнат во Атина.

Минатиот вторник, кога законот се разгледуваше на надлежната парламентарна комисија, таксистите во Грција, организирани од нивната федерација започнаа штрајк на неодредено време, што во одредени делови на земјата траеше еден до два дена, а во Атина заврши во саботата наутро.

Таксистите во Солун и Атина штрајк одржаа и на средината на февруари, што траеше два, односно три дена, а воедно беше и четврти во период од еден месец.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2