Регион
Недостигот од „син дизел“ предизвика паника кај хрватските земјоделци
Недостигот од „син дизел“ предизвикува сериозна загриженост и паника меѓу земјоделците во Хрватска, додека од Хрватската земјоделска комора бараат итна интервенција од државата. Од своја страна, Министерството за земјоделство укажува на нагло зголемена потрошувачка и апелира купувањето да се усогласи со реалните потреби.
Од Министерството наведуваат дека потрошувачката на „син дизел“ во одредени сегменти значително отстапува од вообичаените сезонски трендови. Според направените анализи, испорачаните количини се повеќекратно поголеми во однос на истиот период минатата година, при што во некои жупании растот надминува 700 проценти, а во одредени случаи достигнува и повеќе од 900 проценти.
– Ги повикуваме земјоделците набавката на ‘син дизел’ да ја усогласат со реалните потреби на пролетната сеидба. Нема потреба од создавање залихи – изјави министерот Анте Шушњар.
Од ресорното Министерство нагласуваат дека Владата ги презема сите неопходни мерки за да обезбеди стабилно и навремено снабдување со ова гориво, како и да ја задржи неговата ценовна достапност за земјоделците.
Претходно, од Хрватската земјоделска комора предупредија дека во период кога временските услови се клучни, а роковите за сеидба се исклучително кратки, недостигот од основниот енергенс ги става производителите во ситуација да не можат да ги извршат неопходните агротехнички зафати.
„Со тоа се доведува во прашање не само овогодишниот род, туку и целокупната стабилност на домашното земјоделство и снабдувањето со храна“, соопштија од Комората.
Дополнителен проблем, според нив, претставува правилото според кое точењето на „син дизел“ е дозволено исклучиво директно во тракторите. Таквата практика, велат, е непрактична на терен, бидејќи тракторите имаат ограничен капацитет на резервоарите, а значителен дел од горивото се троши уште при транспорт од бензинската пумпа до фармата.
Поради тоа, од Комората прашуваат зошто на земјоделците не им е дозволено полнење во канистри, што би овозможило порационално користење на горивото. Нејасно, додаваат, е и постапувањето на бензинските пумпи, кои не нудат соодветни решенија во овие вонредни услови, иако станува збор за прашање од стратешко значење.
Советничката за прехранбена индустрија и земјоделство, Звјездана Блажиќ, посочува дека клучниот проблем не е цената, туку достапноста на горивото.
– На земјоделските производители повеќе од растот на цената им пречи недостапноста на горивото. ‘Син дизел’ нема на сите бензински станици – изјави Блажиќ.
Таа особено ја истакна состојбата во северозападна Хрватска, наведувајќи дека на потегот од Загреб до Вараждин нема ниту една бензинска станица каде што земјоделците можат да точат „син дизел“, пренесе загребски „Вечерњи лист“.
март 23, 2026

