Свет
Минхен за првпат добива градоначалник од редовите на Зелените
Главниот град на Баварија, Михнен, за првпат ќе има градоначалник од редовите на Зелените. Доминик Краузе, 35-годишниот кандидат на партијата, на вчера одржаните избори го победи долгогодишниот социјалдемократски (СПД) градоначалник Дитер Рајтер со 56,4 наспроти 43,6 проценти од гласовите.
Рајтер (67) по објавувањето на резултатите изјави дека вчерашниот ден бил последниот во неговата политичка кариера. „Тоа е тоа од мене“, изјави градоначалникот кој го водеше градот од 2014 година.
Во изборниот штаб на Зелените се славеше победата. „Благодарам Минхен за оваа голема доверба. Се чувствувам многу почестено“, рече Краузе.
Во фокусот на предизборната кампања на кандидатот на Зелените беа прашања како недостигот на станбен простор, високите кирии, како и промовирање нов импулс во градската политика.
Изборите за градоначалник во Минхен се втор тежок удар за СПД, партијата која вчера изгуби и на покраинските избори во германската покраина Рајнланд-Палатинат.
Социјалдемократската партија во Минхен, кој е седиште на некои од најголемите и најуспешни германски компании како „Бе-Ем-Ве“, „Сименс“ и „Алијанс“, доминираше речиси постојано во целиот период после Втората светска војна.
март 23, 2026

