Регион
Мицотакис соопшти мерки за економска поддршка на граѓаните во висина од 300 милиони евра
Државна субвенција на дизелот од 16 центи за литар во дистрибутивната мрежа; т.н. Дигитална картичка за гориво за околу три милиони сопственици на возила; поддршка на земјоделците со субвенција за ѓубривото и компензација на поморските компании за да се избегне зголемување на цените на билетите за траектите, се четирите мерки за економска поддршка од последиците од војната на Блискиот Исток, во висина од околу 300 милиони евра, што ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис, во видеопораката до граѓаните, посочи дека потребна е поддршка на домаќинствата и бизнисите во услови на меѓународна економска нестабилност, дека „Грција веќе има водечка улога во формирањето на заеднички европски одговор“, но и дека „Владата е решена да дејствува и самостојно, на национално ниво“, во рамките на фискалните можности.
– Денеска најавувам пакет од четири насочени мерки, што ќе важат за месеците април и мај. Вредноста на програмата изнесува околу 300 милиони евра, додека поддршката што ја овозможуваат се однесува на речиси целиот население, рече Мицотакис.
Поконкретно, првата мерка е со цел „да се намали негативното влијание од светското зголемување на цената на нафтата врз синџирот на снабдување, дистрибуцијата на стоки, како и земјоделското производство“ и се однесува на дизелот.
– Државата ќе го субвенционира во дистрибутивната мрежа со 16 центи по литар. Ова значи дека потрошувачите и бизнисите, во конечната цена со ДДВ, ќе имаат корист што ќе достигне до 20 центи по литар. Повторувам: нашата цел е зголемувањето на трошоците за производство да не се пренесе врз цените на производите, објасни Мицотакис.
Втората мерка е за зајакнување на домаќинствата во справувањето со зголемувањето на цените на бензинот при што се воведува „посебна поддршка во форма на Дигитална картичка за гориво“, што ќе може да се користи на бензинските пумпи, во јавниот превоз, како и во такси-превозот.
– Поддршката, просечно пресметано, изнесува 36 центи по литар. Тоа значи дека со просечна месечна потрошувачка од 70 литри, мерката се претвора во 50 евра на два месеца за копнените делови на земјата и 60 евра за нашите острови. Критериумите за издавање на оваа картичка ќе бидат проширени, така што ќе бидат опфатени околу три од четирите милиони сопственици на возила, рече Мицотакис.
Третата мерка се однесува на земјоделците и нивната поддршка за наглото зголемување на цените на ѓубривата, а државата ќе субвенционира 15 отсто од износот на сметките за нивната набавка.
Додека четвртата мерка е за справување со последиците од високите цени на поморските горива, при што се воспоставува посебна компензација за поморските компании, што ќе биде поврзана со задолжителни намалувања на цените на билетите кои компаниите ќе треба да ги применуваат, се со цел цените на билетите за траектите да се задржат на нивото од минатата година.
– И уште нешто. Сметам дека трошокот на оваа иницијатива треба да се покрие не само од јавните фондови, туку и од секторите со зголемена профитабилност, кои имаат помало општествено влијание. Па така, се менува оданочувањето на добивките на играчите на онлајн игри на среќа од типот казино, со цел да се обезбедат 100 милиони евра. Сметам дека ова е праведна интервенција, посочи Мицотакис.
Објасни дека мерките се можни „благодарение на придобивките од позитивниот економски тренд и внимателното фискално управување“ и дека се работи за мерки кои го зајакнуваат општествениот „штит“ во турбулентни времиња.
– Нашата порака е една: Владата е и ќе остане на страната на секоја Гркинка и секој Грк, како што беше во секој тешки момент досега, а нашата татковина повторно ќе ги надмине сите бури предизвикани од настани вон нејзините граници, имајќи ги како секојдневно оружје единството и социјална кохезија. Во неизвесни времиња, татковината има потреба од стабилен компас за својата ориентација, порача грчкиот премиер.
Мерките, на прес-конференција детално ќе бидат објаснети од министерот за национална економија и финансии и од неговиот заменик.
март 23, 2026

