Connect with us

Регион

Албанија, Косово и Хрватска годинава планираат да одржат три воени вежби

Албанија, Косово и Хрватска годинава планираат да одржат три заеднички воени вежби, со цел зајакнување на одбранбената соработка и меѓусебната доверба меѓу трите земји.

-Две вежби ќе се одржат во Хрватска, додека една е планирана во Тирана. Станува збор за продолжување на соработката, која не се темели само на воениот аспект, туку и на поширокото зајакнување на односите меѓу земјите од Југоисточна Европа. Организаторите истакнуваат дека овие вежби не се насочени исклучиво кон воена обука и оперативна подготвеност, туку претставуваат и платформа за градење долгорочни партнерски односи, објавија албанските медиуми.

Ваквите проекти, додаваат медиумите,  испраќаат јасна порака за важноста на регионалната соработка во зачувувањето на стабилноста, нагласувајќи дека преку „заеднички активности, трите земји покажуваат како партнерството и координацијата можат да придонесат за побезбедна и помирна средина“.

-Соработката меѓу Албанија, Косово и Хрватска на тој начин добива нова димензија – димензија што оди подалеку од формалните договори и влегува во конкретни заеднички активности. Во време кога безбедносните предизвици стануваат сè посложени, ваквите иницијативи дополнително ја нагласуваат важноста на поврзувањето и заедничката работа, за градење доверба меѓу земјите и нивните граѓани, со што се поставуваат темелите за долгорочна стабилност и соработка во регионот, оценуваат експерти од областа на одбраната.

Планираните трилатерални вежби се во рамки на договорот за соработка што трите земји го потпишаа на 18 март минатата година. Началниците на генералштабовите на Албанија и Хрватска, како и командантот на косовските безбедносни сили, на 11 минатиот месец одржаа заеднички состанок во северниот албански град Скадар а претходно на 30 јануари беше организиран состанок во Загреб на ниво на директорите за одбранбена политика и вооружување на трите земји. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 2