Регион
Затворен патот до пристаништето на грчкиот остров Санторини поради лизгање на земјиштето
Поради одрони и лизгање на земјиштето, од вчера попладне е затворен патот од Фира до пристаништето Атиниос на Санторини и не функционира ни пристаништето на грчкиот остров, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Генералната регионална полициска дирекција на островите во јужниот дел на Егејското море соопштија дека „поради појава на свлечишта во областа Атиниос, не е дозволено движење на возила од раскрсницата на регионалниот пат Фира – Периса со Атиниос, па сè до пристаништето Атиниос“ и дека забраната важи од 18:30 часот вчера сè додека не се процени дека сообраќајот е безбеден по целата должина на патот кон пристаништето.
Одронот на земјиштето е поради врнежите и невремето во изминатите денови, а станува збор за тесен и стрмен пат.
Професорот по техничка геологија и геотехничко инженерство Константинос Лупасакис, за државната телевизија ЕРТ објасни дека свлечиштето е од мали размери, но тесниот пат и местото на свијокот каде што се случи довеле до итно затворање на патот и додаде дека „не станува збор за пад на многу големо парче“, нагласувајќи дека во минатото на островот се регистрирани многу посериозни случаи.
Паралелно рече дека со оглед на тоа што областа е сеизмичка и од јули биле регистрирани 460 мали земјотреси, тоа дополнително ја нарушува стабилноста на падините.
Оцени дека санацијата може да се заврши брзо, односно дека „еден до два дена се доволни за да се отстранат нестабилните делови и патот повторно да се пушти во сообраќај“.
Сепак, предупреди дека општиот проблем останува, бидејќи падините на Санторини имаат долготрајни проблеми со стабилноста, кои дополнително се влошени од неуредени интервенции и прекумерна градба.
март 21, 2026

