Регион
Владата на Србија одлучи да ослободи дизел од резервите, продолжува забраната за извоз на нафта и нафтени деривати
Владата на Србија донесе одлука за продолжување на забраната за извоз на нафта и нафтени деривати до 2 април, како и да пушти 40.000 тони дизел од резервите, со цел заштита на граѓанте и економијата поради високите цени на нафтата на светските берзи.
„Забраната се однесува на извоз на дизел, бензин и нафта со сите видови транспорт, а ја продолживме како една од мерките за заштита на граѓаните и економијата од континуираниот пораст на цените на нафтата на светскиот пазар. Покрај тоа, одлучивме да обезбедиме пуштање 40.000 тони дизел од резервите како дополнителна мерка за заштита на пазарот“, изјави српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ.
Таа нагласи дека целта на мерките – како што е намалувањето на акцизата за горива во износ од 20 % – е да се заштити домашниот пазар од недостиг на нафтени деривати и скок на цените, како и поради глобалните нарушувања на светскиот пазар поради конфликтот на Блискиот Исток и зголемувањето на цената на нафтата за 40 % во изминатите недели.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска разговараше на телефон со унгарскиот премиер Виктор Орбан за сите можности за заедничко надминување на кризата во разни области на енергетиката.
„Важен разговор со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Денес е еден од најтешките денови во однос на енергетската безбедност во Европа и светот, а со премиерот Орбан ги разгледав сите можности за заедничко надминување на кризата во разни области на енергетиката“, објави Вучиќ на „Инстаграм“.
март 19, 2026

