Вести
Савески: Сигурен сум дека ќе ги задоволиме очекувањата на граѓаните, интересите на политичките партии не се мој интерес
Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески денеска даде свечена изјава во Собранието, а пред медиумите кажа дека неговата работа ќе биде согласно Уставот, законите, ратификуваните меѓународни документи и меѓународните стандарди. Савески се заблагодари за поддршката и коректните ставови во однос на неговата професионални аспекти.
Тоа за мене е една голема одговорност и во овој момент сакам да ги повикам сите јавни обвинители заедно со мене кои и додека ја давам оваа изјава ја работат својата работа. Нивната работа ниту почнува ниту завршува со мене. Секој јавен обвинител има законска обврска да постапува по тековните предмети. Го познавам обвинителскиот состав и верувам во истите и заедно со нив сигурен сум дека ќе ги задоволиме очекувањата на граѓаните во чие име, Устав и закон постапуваме ние јавните обвинители, изјави Савески.
Тој им се заблагодари своите довчерашни колеги судиите, судиите од Основниот кривичен суд Скопје, на Владата, која го предложи и пратениците кои го поддржаа.
Новиот државен обвинител рече дека очекувал поширока поддршка, а интересите на политичките партии не се предмет на негов интерес, како што кажа „ниту вчера, ниту денес, ниту во иднина“.
Во секој случај секој кажан збор во поглед на вчерашната расправа за мене беше вреден и ценет и од големо значење. Товар не чуствувам. Политиката на политичките партии не била никогаш мој интерес, нема ни вчера, ни денес да биде ниту во иднина, како што кажав и претходно. Реалноста е таа, меѓутоа за мене, без оглед колку гласови сум добил, одговорноста моја и мојата работа во иднина пред се зависи од тоа што како законска обврска е предвидено во делот на моето постапување. Пред себе секогаш, и до сега и во иднина ќе го имам Уставот, законите и секако меѓународните стандарди и сите оние меѓународни документи кои се дел од нашиот правен поредок, рече Савески.
На новинарско прашање за тоа кои случаи ќе имаат предност и да ги коментира вчерашните повици од пратениците на кои предмети да се фокусира, Савески рече дека во вчерашната изјава за МИА рекол дека за него секој предмет има еднакво значење.
Нема да прави приоритети на предмети. Се знае само кога има законски основ, кои предмети имаат приоритет. Селекција не се прави на тој начин. Ниту од кого би бил повикан како да постапам, напротив има законски регулативи врз основа на коишто секој јавен обвинител постапува. Тие важат и вчера и денес и утре и во иднина, така што јавноста вклучително тука и политичката јавност има право да има очекувања, да го коментира постапувањето на јавното обвинителство и јавните обвинители генерално, меѓутоа сепак секој јавен обвинител пред себе ги има законските регулативи за законот за јавно обвинителство, законот за кривична постапка и Кривичниот законик и меѓународните стандарди во секојдневното постапување, кажа новиот јавен обвинител.
Савески рече дека неговиот план за работа е модернизација на јавното обвинителство, со дигитализација на управување со предметите и доделување на јавните обвинители, преку која што програма би се следела, а исто така кажа и дека ќе ја гарантира транспаретноста и отченоста за работата на секој јавен обвинител во секој конкретен предмет.
Во однос на буџетот на јавното обвинителство и новиот закон, новиот државен јавен обвинител рече дека очекува поддршка од страна на другите институции кои се задолжени за тоа, како и да го види конечниот текст на новиот закон за јавни обвинители.
И од тука да се почне, да видиме што предвиделе пратенците со донесување на законот, која ќе биде конечната верзија и од тука да се креираат плановите. Факт е дека на обвинителството му требаат финансиски средства, борбата против криминалот бара финансиска поддршка. За да се бориме ефикасно против криминалот мора да има услови за тоа. Еден од условите е да имаме финансиска можност да се бориме да го следиме чекорот, секој што го прекршил законот да биде гонет, рече Савески.
Собранието вчера го избра јавниот обвинител Савески со 66 гласа „за“, двајца „против“ и осум „воздржани“.
март 19, 2026

