Општини
Почна кампањата „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“
Од општина Босилово вечерва почна кампањата „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“.
Во рамки на кампањата, како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, ќе бидат посетени над 30 општини и повеќе од 120 населени места.
Активностите ќе се реализираат преку два големи и шест помали тима, кои ќе ја посетат секоја една општина.
-Целта е да се слушнат ставовите и потребите на земјоделците, да се презентираат досегашните политики и мерки во секторот, како и да се дискутира за актуелните предизвици, да слушнеме забелешка, критика, пофалба. Сакаме да бидеме потојано меѓу земјоделците зашто таму се пробпемите и решенијата, затоа и таа комуникација е многу важна, истакна Трипуновски во обраќањето.
Тој уште еднаш нагласи дека за Владата секој земјоделец е важен.
-Како Министерство, продолжуваме да ги спроведуваме политиките и во комуникација сме со секој земјоделец. Владата посветува внимание на секој еден земјоделец кој произведува, зашто секој земјоделец е важен, потенцира Трипуновски.
Министерот порача дека Босилово е пример за модерна и успешна општина, со силно земјоделство.
-Во Босилово, согласно Фарм регистарот, има над 1 600 земјоделски стопанства и околу 10 000 хектари обработливо земјиште, од кои 2 000 се во државна, а 8 000 хектари во приватна сопственост, рече Трипуновски.
март 19, 2026

